Македонија
Сто жени учествуваа на годинешната „Јуфкијада“; порачаа: „Да не се носат избрзани решенија на штета на земјоделките“
Да не се кочи реализацијата на Програмата за социјално осигурување за поддршка на регистрираните индивидуални земјоделки за 2023 година и да не се носат избрзани решенија и законски измени, кои едноставно се на штета на земјоделките и земјоделците. Ова е пораката од страна на 100-те жени од рурални средини, кои учествуваа на традиционалниот настан кој се одржува 10-ти пат – „Јуфкијада 2023“, оваа година во село Зрновци.
Тие потпишаа барање, кое ќе биде доставено до надлежните институции, да не се прават избрзани измени на Законот за здравственото осигурување, кој како предлог се разгледува во македонското Собрание. На ваков начин ќе се дојде до блокада на применливоста на законите, односно ќе се креира уште поголем проблем и нема да може да се применува Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година. Наместо да се создаде соодветна можност за жените – индивидуални регистрирани земјоделки, ќе се креира пречка, која институциите нема да може да ја решат и системски да се реализира.
Имено, домаќин на годишната прослава е Националната федерација на фармерите, во соработка со здружението за рурален развој „Јавор“, кој ги обедини производителките на јуфки, фармерките и љубителите на храната за да го прикажат богатото кулинарско наследство на македонските рурални области и да го промовираат производството на производи со додадена вредност.
Говорејќи на настанот, претседателката на Националната федерација на фармерите, Васка Мојсовска, им порача на сите релевантни институции и политички организации наведувајќи: „Ние жените од руралните средини ја истакнуваме важноста на Програмата за социјално осигурување за поддршка на жените во земјоделството за 2023 година. Оваа програма е одлично решение, кое им овозможува на фармерките да добијат паричен надомест за време на мајчинството во период од 9 месеци. Голем успех за жените фармери, кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка“.
Таа потенцира дека преку оваа програма фармерките ќе имаат право на надомест во случај да бидат спречени да вршат земјоделска дејност поради породување. Ова витално право, кое беше реализирано првпат, се однесува на проблем што опстојува повеќе од три децении. Националната федерација на фармерите, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, неуморно работеше на изнаоѓање соодветно решение, што резултира со спроведување на Програмата за обезбедување социјална сигурност на жените во земјоделството во текот на 2023 година.
Мојсовска ја истакна важноста од внимателна анализа, конструктивен дијалог и соработка во креирањето конкретни и применливи решенија. Таа повика да не се избрзани промените и ја нагласи потребата од системски и трајни решенија за поддршка на жените во земјоделството. Националната федерација на фармерите, заедно со координативната група и поддржана од шведската развојна организација We Effect, ќе продолжи да работи кон трансформирање на пилот-програмата во сеопфатно решение.
„Јуфкијада 2023“ го прослави не само кулинарското наследство туку служеше и како платформа за застапување за правата на жените во земјоделството.
„Со создавање услови за напредок, заштита и остварување на правата и обврските на земјоделците, можеме да постигнеме подобар и достоинствен живот за македонскиот земјоделец. Преку овој настан имавме цел да ја подигнеме свеста за важноста на македонската традиционална храна и да ја поттикнеме потрошувачката на локално произведени производи. ‘Јуфкијада’ не е само за производство на јуфки, туку и за зачувување на нашиот културен идентитет и зајакнување на нашите рурални заедници“, рече Мојсовска.
„Јуфкијада“ е прослава на нашата традиционална храна и промоција на производи со додадена вредност.
„Општина Зрновци отсекогаш поддржувала и ќе подржува настани што ги промовираат старите традиционални вредности и улогата на руралната жена во севкупниот рурален развој. Таа игра исклучително важна улога во селското стопанство, производството на здрава храна и зачувувањето на старите традиции. Нејзиното учество и активност во овие области придонесуваат за развојот на руралните заедници и општества во целост. Таа ги пренесува од поколение на поколение старите обичаи, знаења и вештини, кои се присутни во нејзината култура и заедница. Преку овие традиции се проследуваат вредностите и идентитетот на една заедница, што го чини богато и разнообразно културното наследство. Руралната жена преку својата активност во зачувувањето на старите традиции го запазува и засилува социјалното ткиво на селските заедници“. истакна Борчо Коцев, градоначалник на општина Зрновци.
Настанот ги обединува производителите на македонски традиционални јуфки, ја зајакнува размената на знаења и ги прикажува неверојатните јадења подготвени од македонските рурални жени.
„’Јуфкијада’ е енергичен собир, каде што луѓето се поврзуваа, споделуваа искуства и создаваа трајни спомени. Беше инспиративно да се биде сведок на зголеменото учество на жените во традицијата на правење јуфки. Навистина ден исполнет со вкусна храна, директни разговори и славење на нашето кулинарско наследство“, додаде Жаклина Голчева, претседателка на здружението за рурален развој „Јавор“, која ги истакна општествениот и забавниот карактер на собирот.
Настанот беше доказ за заедничките напори направени од разни засегнати страни за поддршка на локалните земјоделци и создавање одржлив земјоделски сектор, организиран во рамките на проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите земјоделци и производители од руралните области со цел зголемување на нивните приходи“, поддржан од Шведска преку шведската развојна организација We Effect. Проектот има цел да ги подобри пазарните врски за малите земјоделци давајќи им можност да ги зголемат своите приходи и да придонесат за одржлив рурален развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

