Македонија
Струјата, најверојатно, нема да поскапи 13 отсто, претпоставува Бектеши и остави Регулаторната да одлучи
Цената на струјата, најверојатно, нема да се покачи 13 отсто како што бараат некои од компаниите. Ова го посочува министерот за економија, Крешник Бектеши, потсетувајќи дека и минатата година некои од компаниите бараа зголемување и до 100 отсто. Тој повтори дека конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
„Претходната година енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате – 78 отсто, па надминаа и над 100 отсто некои компании. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената што ќе ја утврди Владата на ЕСМ, која ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН, цена што важи за домаќинства и мали потрошувачи. Тоа значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифати. Јас можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можело да ја бара ЕСМ, а работа на Регулаторната комисија за енергетика е да направи калкулации за барањето од страна на МЕПСО и другите компании“, рече Бектеши.
ЕСМ засега нема побарано од Владата да се утврди цена со која ќе учествува на тендерот.
„Цената што ја нудат ЕСМ на ‘ЕВМ хоме’ се разгледува на затворена седница на Владата. Откога ќе имаме барање од ЕСМ, ќе бидете известени навремено. Тоа ќе биде во согласност со интересите на граѓаните и заштита на животниот стандард. Сè уште немаме информација од ЕСМ до Владата за Владата да утврди цена со која ќе учествува на тендерот“, додаде Бектеши.
Претходно, Бектеши посочи дека цената на струјата за граѓаните нема да поскапи во наредните шест месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.
Македонија
Денес ќе биде погребан Зоки Панкер
Последното збогување со Зоран Тодоровски – Панкер, сопственик на клубот „Балет“ ќе се одржи денес, 5 јануари, на Градските гробишта Бутел.
Капелата ќе биде отворена од 13:00 до 14:30 часот, а погребот ќе се одржи по завршувањето на обредот во капелата.
„Скопје се простува со човек кој остави трага, дух и став. Нека почива во мир“, наведуваат неговите пријатели на социјалните мрежи.
Македонија
Мицкоски за Венецуела: Апсолутно стоиме до потезите на САД
Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото кога меѓународното право се кршеше на грбот на Македонија и македонскиот народ.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска прашан за позицијата на нашата држава во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, кое министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го поздрави, наспроти воздржаноста на земјите во Европа кон оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право.
Во изјава за медиумите при посетата на Сопиште денеска Мицкоски кажа дека „таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право“.
– И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш, сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од тие што коментираат, а не се меѓународноправни експерти. Јас тоа би им го оставил на експертите по меѓународно право. Но, еднаш кога во животот ќе направите исклучок, тој потоа станува пракса и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб, рече Мицкоски.
На прашање дали е тоа преседан што отсега може да се случи каде било, Мицкоски повторно укажа на случајот со нашата земја и одговори дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат… А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави, изјави Мицкоски.

