Македонија
Судиите ќе одлучуваат дали да му ја намалат казната на Грујевски за палењето документи за прислушувањето
Во Апелациониот суд ќе се одржи јавна седница за пресудата во случајот „Тврдина 2“. Бегалецот Горан Грујевски, кого кривичниот суд го осуди во отсуство за овој предмет, преку неговите адвокати поднел жалба на пресудата до Апелацискиот суд во Скопје. Тој беше осуден заедно со 6 службенички во УБК со образложение дека уништиле документација поврзана со масовното прислушување. Специјалното јавно обвинителство доставило одговор на жалбата.
На пресудата за овој случај се пожалила и службеничката В. С. од УБК, која исто така судот ја прогласи дека е виновна и ја осуди со условна казна. Поранешниот началник на УБК, кој е во екстрадициски притвор во Грција, судот лани во ноември го осуди на една година и шест месеци затвор за уништување службени документи од кои некои биле поврзани со опремата за прислушување.
Пет од службеничките во УБК добија условна казна од 1 година, ако во рок од 3 години по правосилноста на пресудата не го повторат делото. Една обвинета судот ја осуди на условна казна затвор од 9 месеци, ако во следните 2 години по правосилноста на пресудата не го повтори делото. Судот како олеснителни околности при донесувањето на пресудата за Грујевски зеде предвид тоа дека тој претходно не бил осудуван и дека е семеен човек. Како отежителни околности за определување на казната ги зеде предвид степенот на кривичната одговорност, тоа дека го иницирал кривичното дело, како и неговото бегство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

