Македонија
„Супорт Кочани“ собра 11 милиони денари од донации за настраданите од „Пулс“, државата им наплати 1 милион денари данок
Околу 11 милиони денари се распоредени од заедничката сметка за донации од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.
Од граѓанската иницијатива велат дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.
Средствата што се распоредени се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, се вели во објавата на „Супорт Кочани“ на нивниот фејсбук-профил.
Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во „Пулс“, а во неа се вклучени 30-ина волонтери, меѓу нив и млади луѓе кои биле присутни во клубот на трагичниот 16 март. Во пожарот загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
Од иницијативата изминатата година реализираа и три пратки компресивна облека наменета за преживеаните лица. Облеката, како што велат од иницијативата, е со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

