Македонија
Таравари за тримесечното бебе со модринки: Нема докази дека е намерно повредено, но има дисциплински мерки
Министерот за здравство, Арбен Таравари, не ги добил во писмена форма одлуките на комисијата што треба да го расветли случајот со тримесечното бебе со модринки направени на Детската клиника, но вели дека нема докази оти бебето е намерно повредено. Очекува комисијата да преземе мерки, а доколку се повтори ваков случај, ќе се залага медицинскиот кадар веднаш да биде исклучен.
„Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија дека случајот е разгледан, разговарано е. Според него, повеќе е невнимание на сестрите со бебе што било немирно, меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам бидејќи немам испратено написмено, но преземени се одредени дисциплински мерки. Медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти, без разлика на етничката припадност, а особено со децата. Јас се надевам дека мерките што ќе ги преземе комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори пак, мислам дека веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар. Некакви докази дека намерно е тоа направено нема. Да бидеме внимателни, да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник што би бил подготвен да повреди дете од три месеци“, вели министерот Таравари.
Дисциплинска постапка се води против двајца здравствени работници, од кои едниот е медицинската сестра, а министерот Таравари не е сигурен дали вториот е некој од болничарите. Најави дека ќе ја извести јавноста откога написмено ќе ги добие и ќе ги прочита одлуките на комисијата.
Министерот Таравари смета дека не згрешил што го посетил семејството на повреденото бебе пред да се истражи настанот и комисијата да ги слушне двете страни. Вели дека така ќе постапува и во иднина.
„Јас ќе продолжам да го посетувам секој пациент што ми пишува, и лично, и на ’Вибер’, ’Ватсап’ што ги имаме во Министерството за пријавите. Ние треба да постапуваме и да бидеме секогаш со пациентите, меѓутоа и со здравствените работници така да ќе продолжам и понатаму. Освен трите или четири мобилни екипи, сигурно ќе бидам присутен и јас на секој настан кај што гледам дека има некаква или сигурна неправилност од медицинскиот персонал или сомнеж за нерегуларно работење на медицинските работници“, уверува министерот Таравари.
Дека немало апсолутно никаква намера кај медицинската сестра да го повреди бебето, денес кажа и директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди. Тој извести дека синоќа семејството и медицинската сестра се смириле и си подале рака, а основна причина за алармирање за случајот било недоразбирањето меѓу дедото и медицинската сестра, што се случило пред да му биде земена крв на бебето.
Семејството ја обвини медицинската сестра дека го повредила бебето оти мајката не зборувала македонски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

