Македонија
Таравари се сретна со регионалната директорка на УНФПА, Флоренс Бауер

Претседателот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, во рамките на 74. регионален состанок на СЗО, одржа билатерална средба со регионалната директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер.
На средбата беше дискутирано за досегашните успеси во соработката вклучувајќи го намалувањето на смртноста кај мајките и новороденчињата, воведувањето мобилни гинеколошки клиники и зајакнувањето на скринингот за рак на грлото на матката.
На крајот, оваа средба ја нагласува заедничката посветеност за подобрување на здравствените услуги и обезбедување подобра покриеност за сите граѓани приближувајќи ја земјата поблиску до европските здравствени стандарди.
Министерството останува посветено на продолжување на заедничките напори за напредок во универзалното здравствено покривање и промоција на сексуалното и репродуктивното здравје преку широка соработка на патот кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Талески: СДСМ ги направи тунелите, мостовите, оградите – ВМРО само бетон од 10 метри

Со завршувањето на експресниот пат низ Фаришката клисура, делницата од Дреново до Градско, пратеникот на СДСМ, Миле Талески, остро реагираше на обидите на ВМРО-ДПМНЕ да си го припише проектот како сопствен. Тој потсети дека најтешкиот и најкомплексен дел од трасата е изведен токму во мандатот на СДСМ.
„Горди сме затоа што СДСМ заврши над 90% од овој капитален инфраструктурен проект. Станува збор за делница долга 10,2 километри, со вредност над 33 милиони евра, која има огромно значење не само за Прилеп и прилепчани, туку и за целиот Пелагониски регион“, изјави Талески.
Тој додаде дека во мандатот на СДСМ биле целосно завршени двата тунели со вредност од околу 6 милиони евра, биле асфалтирани 95% од трасата и изведени сите клучни елементи: 21 мост, 11 потпорни ѕидови, 15 пропусти, 1 вијадукт и 1 галерија.
„Ова не е само пат, туку животна артерија за економијата, транспортот и безбедноста во регионот. Нашата работа зборува сама за себе“, додаде тој.
Во однос на активностите на актуелната власт, Талески беше јасен:
„Што направи ВМРО-ДПМНЕ за една цела година? Заврши само мал дел, санира едно свлечиште, постави бетон од 10 метри, дел од сигнализацијата и оградите. И потоа, секако, сликање пред камери и китење со туѓи перја“.
Тој подвлече дека, и покрај тоа, најважно е што патот конечно е завршен и достапен за граѓаните, и потсети на низа други проекти изведени во мандатот на СДСМ, како експресниот пат Градско–Дреново, обновата на делницата кај Плетвар, патот до езерото кај Прилеп, како и почетокот на автопатот Прилеп–Битола, дел од Коридорот 10д.
„СДСМ сериозно инвестираше во патната инфраструктура и ние ќе продолжиме по тој пат. Благодарност до сите градежници, инженери и проекти кои ја реализираа оваа важна делница“, истакна Талески на крајот.
Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.