Македонија
Таравари ќе ги пофали перфектните директори на болници, а ќе ги смени оние што ќе бидат оценети како слаби

Министерот за здравство Арбен Таравари подготвува измени за раководниот кадар на јавните здравствени институции. Најавува дека е ги смени директорите што ќе бидат оценете како слаби, а ќе ги пофали перфектните.
„Има перфектни, одлични, многу добри и слаби директори. Секогаш кога ќе направите избор од 150 раководни кадри во јавните здравствени установи, некои ќе бидат многу добри, некои се слаби. Ние како Министерство ги анализираме перформансите на директорите и нормално е дека таму кај што не се раководи баш како што треба, би требало да направиме промени, меѓутоа дозволете ни време за да имаме основи и факти за некои од директорите дека, генерално, не функционирале добро. Оние што функционирале многу добро и перфектно треба да ги пофалиме, да ги кажеме. И се гледа по работите, гледате каде одиме и веќе промовираме одредени работи, од ништо прават нешто. Тоа е за пофалба“, рече министерот Таравари.
За да каже кого ќе пофали, а кого ќе смени, Таравари побара уште време оти не сака да зборува паушално иако и од здравствените работници секојдневно добивал информации дека во одредени болници, здравствени домови, клиники има незадоволство од она што некои директори не се однесуваат баш како што треба. Таравари смета дека директорите треба да бидат диригенти на екипа која треба да функционира подобро за пациентите, кои се центар на вниманието во здравството, да бидат задоволни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.