Македонија
(Видео) Таткото на Боки 13 вели дека не чувствува никаква вина за „Рекет“

И таткото на Бојан Јовановски – Боки 13, Миле Јовановски, осомничен во проширената истрага за случајот „Рекет“ изјави дека не чувствува никаква вина, откако излезе од кривичниот суд од кај судијата за претходна постапка.
„Не чувствувам вина и не сум учествувал на состаноци за изградба на домови како дел од ‘Меѓународниот сојуз’“, рече тој.
Покрај Јовановски денеска во кривичниот суд беше и пратеничката Фросина Ременски откако вчера беше објавено од Јавното обвинителство дека истрагата за случајот „Рекет“ е проширена и на „Меѓународниот сојуз“ на Боки 13. Ременски, по еден час поминат кај судијата на претходна постапка за случајот „Рекет“, изјави дека не чувствува вина и дека ќе соработува со Обвинителството со цел целосно да се расчисти случајот.
Се очекува во текот на денот судијата на претходна постапка да донесе одлука дали и какви мерки ќе им определи на новите четворица осомничени – Ременски, Јовановски и неговата асистентка, откако вчера на заменик – претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, ѝ беше определена мерка куќен притвор.
Јовановски, Ременски, Мандиќ, таткото на Јовановски и Карајованова, според истрагата, биле вмешани во спорен трансфер на околу 720.000 евра преку две градежни фирми до „Меѓународниот сојуз“.
Според Обвинителството, првосомничениот Боки 13 како претседател на невладината организација, од Силјан Мицевски, директорот на градежната фирма „Пелистер“, му извлекол огромна сума пари само врз основа на проект за изградба на пензионерски дом во Битола. Вториот бизнисмен за кој Јовановски се сомничи дека извлекол пари на истата основа е Ардијан Амзоски, сопственик на фирмата „Дрим билдинг“.
Денеска обвинителството поднесе обвиненија за Бојан Јовановски – Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец за случајот „Рекет“. Тие се обвинети дека изнудувале пари од бизнисменот Орце Камчев за да му биде олеснет неговиот статус за случајот „Империја“ каде тој се јавува како еден од осомничените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Партнерството со САД носи силна поддршка за реформи во МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тшоковски денес оствари тет-а-тет средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Средбата ја потврди блиската соработка и заедничката посветеност за јакнење на институциите и модернизацијата на системот, како темел за поуспешно справување со криминалот и корупцијата“, соопштија од МВР.
„Партнерството со САД ни носи силна поддршка за нашите реформи во МВР насочени кон професионална и ефикасна полиција, која ќе овозможи зголемена безбедност, правда и доверба кај граѓаните.“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Општина Центар: Дератизацијата не е опасност за кучињата и мачките, да не се шират дезинформации

Општина Центар ги отфрла шпекулациите дека дератизацијата претставува опасност за животните.
„Ве информираме дека дератизацијата се спроведува редовно и исклучиво од стручни лица од Центарот за јавно здравје, со употреба на методи и средства кои се безбедни и не претставуваат закана за кучињата, мачките и другите домашни миленици. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени и неточни информации кои во јавноста се пласираат од одредени неквалификувани и нелиценцирани лица или организации. Ваквите дезинформации неосновано предизвикуваат страв и паника кај граѓаните и непотребно ја вознемируваат јавноста“, велат од Општината.
Македонија
СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е -1,4%

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија, велат од СДСМ.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година.