Македонија
Таткото на загинатата Викторија: За ситни кривични дела ги ставате по 3-4 години во затвор, за човечки живот – око не ви трепнува
По зголемувањето на казната затвор од страна на Апелација за возачот што ја прегази Викторија Николова кај „Сити мол“, за семејството на загинатата – таа е убиена третпат.
Таткото Славе Николов вели дека тие бараат правда, но не наоѓаат, бараат утеха, но и таа не ја наоѓаат, ја бараат Викторија – и неа ја нема.
„Викторија во рок од 5 месеци е убиена трипати – првпат прегазена од несовесен учесник во сообраќајот, двапати прегазена од недопирливото судство во Македонија. Колку тежи едно убиство, колку тежи еден човечки живот, колку се битни законските прописи, колку вам ви е важно, дами и господа, седнати во удобноста на вашата функција судија, која некогаш беше симбол на правдата, а денес симбол на неправдата!! Спречивте ли нови смртни случаи во државата!? Спречивте ли нов случај ‘Викторија’!? Спречивте ли сообраќајно насилство!? Не, не и не“, посочува тој.
Според него, сега се дозволува одново лудување на улиците.
„Со која совест и свест навечер легнувате, наутро станувате!? Со кое лице на работа одите!? Не сте дораснати да разберете и нема, да не гори на ваша кожа, тогаш ќе сфатите колку боли, колкава е загубата и тогаш ќе сфатите дека нема казна што ќе го врати вашето чедо, но и тогаш ќе разберете дека не се работи за казната, се работи за правдина. Овде ја нема, на другиот свет никој не ја избегнал!! За ситни кривични дела ги ставате во затвор по 3-4 години, за крупни дела се спогодувате, за човечки живот – око не ви трепнува, глас не затреперува, свест не проработува!! Дојдете 1 ден, само 1 ден, погледнете нè во очи, тие ќе ви проговорат дека ние не по наша желба го минеме овој пат, ние не по наша желба сакавме да ја искусиме горката правдина, ние не по наша желба ја изгубивме нашата Викче. Ни ја зедоа, ја нема, ја убија, а вие ја докусуривте!!“, додава таткото на Викторија.
Тој додава: „Моето семејство не сака судски патешествија, не сака предвреме напишани пресуди, сака да ја врати Викторија, но ја нема, затоа бараше правдина, во името на Викторија, но ја нема!!“
„На ваша кожа да е, живи луѓе ќе изедете, за чужда и чедото ќе си го продадете!! Ја убивте вие повеќе од убиецот!! Нема правда, нема правдина, нема држава, направивте безредие, наша Вики вреди како 100 украдени ќебапчиња, толку тежи вагата на правдата во Македонија!! Пуста да е таа ноќ, проклет да е тој пешачки кога Вики беше жртва, кога Вики беше убиена!! И сè се сврте, од жртва во најголемата тага, вие жртва од убиецот направивте!! Зборовите на мојата сопруга ‘Ниедна мајка да не виде јас што доживев’ уште ечат во нашиот дом, да не доживее ниедно семејство таков екот!! Вики, ангел беше на земјата, ангел си и на небото, правдата овде е слепа, зла и болна, но правдата овде е корумпирана, таму горе сè е совршено“, додава таткото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје
Град Скопје информира дека правното лице Дизниленд реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, велат од таму.
Македонија
Вработен во МВР фатен со мито од 12.500 евра
Вработен во Министерството за внатрешни работи е фатен со мито од 12.500 евра, соопшти министерот Панче Тошковски. Како што вели тој, лицето И.М. било вработено како виш аналитичар во СВР Скопје. Осомничениот е лишен од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама предвидени по чл. 247 од КЗ.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, соопшти Тошковски.
При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.
Министерот додава дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.
Македонија
За осомничениот за убиството на братот и снаата се бара притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за лице осомничено дека сторило кривични дела убиство според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Против лицето беше поведена истражна постапка откако на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци, тој со умисла ги лиши од живот својот брат и снаата.
Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди.
„По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, велат од Обвинителството.