Македонија
Таткото на Фросина: Тој уби бисер од дете, врвен дизајнер, со пофалби, со награди, неказнивоста е коренот на сите проблеми

Во Неготино денеска се одржа граѓански собир во знак на сочувство со родителите на трагично загинатата Фросина Кулакова, која завчера вечерта беше прегазена од 20-годишниот возач Васил Јованов. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, порача вакво нешто да не се случи никому.
– Имаме ли неказнивост, се соочуваме со тотален распад во општеството и последиците ги живеат децата. Честитам за сенсот граѓански, не знам што планирате, дали ќе продолжувате. Мој совет ви е, доколку сакате да продолжите и доколку сакате вистински да стигнете до она што вие сте го зацртале, тогаш под број еден, никако немојте да дозволите да ставите која било политичка позадина. Движете се чисто како граѓански сектор и вашите ставови да не се исто така препознатливи дека се од некоја, една или друга политичка група. Ако така настапите, тогаш стварно ќе бидете едно здружение на граѓани за пример. А јас, од тој аспект гледано, од срце најискрено ви посакувам голем успех, рече Кулаков.
Кулаков додаде дека во вака поставено правосудство каде што неказнивоста е примарно нешто, тоа се одразува на сите сфери во животот.
„Дали е тоа сообраќај, економија, не знам.. Имаме ли неказнивост, се соочуваме со тотален распад во општеството. Тој таков каков што е, лузер по сите редови и мерила, влезен во таков филм го убива девојчето кое е бисер од дете, врвен дизајнер, четврта година со веќе самостојни изложби, со пофалби со награди, и му оставаш од таа неказнивост наместо да е во притвор заради таквиот пристап он е слободен и ја убива. Што повеќе да кажам. Нема што повеќе.“
Граѓаните денеска излегоа на протест на улицата Партизански одреди, каде што 20-годишниот Васил Јованов завчера ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова.
Се оставија цвеќиња и се палат свеќи крај фотографијата на Фросина, а демонстрантите носеа транспаренти, на кои пишуваше: „Врските не враќаат човечки животи“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Уште колку?“, „Не е несреќа, туку убиство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)