Македонија
Таткото јавил кога Вања ќе излезе од дома, ја грабнале од влезот на зградата за да изнудат пари од мајката
Таткото на киднапираното, па убиено 14-годишно девојче, споделил со убијците информации кога и како Вања ќе излезе од дома за организираната група од петмина да изнуди пари од мајката, извести денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Вања била грабната со возилото на исчезнатиот, па убиен велешанец, кој имал нерасчистени односи со еден од петтемина осомничени.
„Токму со тоа возило е земена малолетничката и тоа во влезот од зградата, односно од живеалиштето, откако претходно, според исказите на осомничените, таткото споделил информација со организаторот за денот и времето на нејзиното излегување сама од дома“, рече министерот Спасовски.
Организаторот на убиството на Вања Ѓорчевска, кој министерот го нарече монструм, бил тој што пукал во неа.
„Главен организатор и извршител, кој со пиштол на 27 ноември, според досегашните утврдени докази, некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе почнатата истрага по првата пријава за ова сторено кривично дело. Можам да ветам дека ќе сторам сѐ, и јас и институцијата, ова лице или овој монструм, кому му ја следиме трагата, штом стапне на наша почва, што побргу да биде изведен пред лицето на правдата“, рече министерот Спасовски.
Тој извести дека ја следат трагата на организаторот, кој избегал од државата, првин за Белград , а потоа заминал за Бугарија. За него ќе биде распишана меѓународна потерница.
Основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, објасни дека според исказите на приведените организираната група решила да го убие девојчето, а потоа да бара пари од мајката. Точното време на убиството ќе се знае по добивањето на наодите од обдукцијата.
Од изјавите на приведените дознале и дека таткото ги дал информациите кога Вања ќе излезе од дома.
„Во однос на инволвираноста на таткото, двајца од осомничените, кои сега се во краткотраен притвор и кои зборуваа овде, наведуваат дека во однос на позициите на детето кога ќе излегува, како ќе излегува, ги разбрале од осомничениот, кој сега не е во државата. Но, им кажал дека тоа тој го знае од таткото. Тоа се засега посредните докази со кои располагаме во овој момент и кои некако го насочуваат дејството на истрага кон таткото поради грабнувањето на Вања“, рече обвинителот Бубевски.
Тој нагалси дека нема дилема оти осомничените ќе ги добијат најтешките казни што постојат во македонското законодавство оти веќе има докази дека двете убиства се поврзани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.

