Македонија
(Видео) Тензично на судењето за Ласкарци, роднините со клетви кон обвинетите
Тензично помина денешното рочиште за случајот „Ласкарци“, каде што адвокатите преку вкрстено испрашување бараа одговори од вештакот за да се утврди вина кај обвинетите, односно како се случи несреќата во февруари годинава. Роднините на загинатите, кои го следеа судењето, упатија низа клетви кон обвинетите и нивните блиски кои ја следеа расправата. Тие се гневни и бараат правда за своите блиски кои загинаа или се повредени во автобуската несреќа на „Дурмо турс“.
„Никој жив да немаш во Гостивар“, „Да умреш каде што седиш“ „И вашите деца ќе ги снајде истото, нема живи да останат“, се слушаше од последните клупи во судницата.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска неколкупати во текот на судењето ги опоменуваше присутните за нивното однесување во судницата. Таа ги повика да не го нарушуваат мирот во судницата.
„Не сте само вие во судницата. Има и други како вас, но само вие го нарушувате мирот“, рече судијката Груевска-Илиевска предупредувајќи еден од присутните роднини на загинатите.
Професорот Милан Ќосевски во својство на вешто лице одговараше на прашањата од адвокатите на обвинетите и оштетените. Тој објаснуваше за условите при кои настанала несреќата. Тој рече дека нема едноставен одговор за тоа дали имало траги на кочење на местото на несреќата.
„Трага од кочење при вакви услови нема да се појави“, рече вештакот Ќосевски објаснувајќи ја површината на патот.
Вештакот објасни дека оградата во која удрил автобусот од страната кон Скопје имала поголема должина, но од страната кон Тетово била пократка и затоа не можела добро да го одбие ударот на автобусот.
Рочиштето за несреќата кај Ласкарци ќе продолжи в година, односно на почетокот на јануари.
За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата ,Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, за соучество во истото дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.

