Македонија
Техничка грешка е дека збирот на аглите во триаголникот е 190 степени, Шаќири ќе бара авторите и рецензентите на учебниците да бидат повнимателни
Техничка е грешката во учебникот по математика за шесто одделение, кој покажува дека збирот на аглите во триаголникот, место 180, изнесува 190 степени. Вака денес објасни министерот за образование, Јетон Шаќири, и рече дека побарал објаснување од авторите и рецензентите на учебникот за тоа како се случила техничката грешка.
„Што се однесува за таа забелешка за предметот математика за шесто одделение, почитуваните автори имаат техничка грешка, без разлика што, ако се гледа целосно, задачата има и неколку решенија странично од неа. Јас официјално побарав забелешки зашто се работи за универзитетски професори, оние што се вклучени. Кога тие ќе достават објаснување зошто е направена оваа техничка грешка или решение на тие проблематики, веднаш ќе доставиме и до јавноста и исто така до наставниците или просветните работници“, рече министерот Шаќири одговарајќи на новинарски прашања денес на официјалното затворање на проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификациите“, финансиран од Европската Унија.
Министерот Шаќири се обиде да ги оправда авторите и рецензентите на учебникот. Рече дека технички грешки имало и порано во учебниците кога тој бил ученик.
„Има една изрека која вели дека и на најдобриот професор математичар студент му има најдено грешка во учебникот по математика. Вака, како што забележуваме технички, имавме и претходно содржински грешки. Мојот повик до сите тие рецензенти, до сите овие универзитетски професори, а вие може да ги проверите кои се тие, ќе биде да побарам да бидат што повеќе внимателни“, рече министерот Шаќири.
На учебникот се потпишани тројца автори и тројца рецензенти. Автори се Крутан Расими, Валентина Гоговска и Снежана Ристовска, а рецензенти се Слаѓана Брсакоска, Елена Апостолоска и Николина Ѓорчевска. Шестемината не забележале дека во графичкиот приказ на триаголникот, на 162. страница, во задачите за вежбање, ако се соберат прикажаните агли, се добива 190 место 180 степени, колку што изнесува збирот на внатрешните агли во триаголникот.
За грешката на социјалните мрежи алармира професорката во скопското средно училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, Фросина Митрушева. Таа објави дека без разлика кој бил на власт, збирот на аглите во триаголникот секогаш досега бил 180 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со крводарителска акција одбележан Светскиот ден на слобода на медиумите
Со крводарителска акција која се одржа денес (02.05.2024)во четири града во Македонија новинарите и медиумските работници беше одбележан 3 мај – Светскиот ден на слобода на медиумите.
На акцијата организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со поддршка на Црвен Крст на Град Скопје и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се приклучија десетици новинари и медиумски работници од Скопје, Штип, Струмица и Битола.
Овој настан се одржува втора година по ред и е во рамки на кампањата за одбележувањето на Светскиот ден на слобода на медиумите предводена од Меѓународната федерација на новинари, чиј член е ССНМ.
По тој повод на настанот се обрати и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече дека по повод овој ден треба да се испратат две важни пораки.
„Денеска оттука треба да испратиме неколку важни пораки, а тие се поврзани со слободата на медиумите, слободата на изразувањето и правото на слобода на говор. Слободата на медиумите се темели на два фундаменти. Тоа е здравото работно место, односно работните места ослободени од прекаријат и слободата на изразување односно правото на слободна мисла. И тука треба да си го поставиме прашањето дали ние работиме во такви услови. Сепак, бројките се поразителни, за да можеме да одговориме на ова прашање треба да констатираме дека 70% од вработените, над 2.000 медиумски работници се со плати под државниот просек и ист толкав број сакаат да ја напуштат оваа професија“, рече Беловски.
Според него солидарноста е многу важна во борбата за слободата на изразување и слободата на медиумите.
„Сто и дваесет наши колеги во светот и го загубиле животот. Затоа треба да се солидаризираме и денеска со оваа крводарителска акција да покажеме дека иако често е глорифицирана нашата работа и сме поттикнати дека сме поважни од останатие, тоа не е така, ние сме само обични луѓе, но сме важни по едно прашање, а тоа се грижиме за демократијата и преку нашата работа ја поттикнуваме слободата на изразувањето и градиме подобри општества. Но за да можеме да градиме подобро општество и здрава демократија мора да имаме предвид дека треба да сме слободни при тоа што го работиме“, додаде Беловски.
На настанот се обрати и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ кој нагласи дека овој ден е важен во борбата на новинарите за подобри услови за работа.
„Новинарите често работат во небезбедни средини, соочени со цензура, малтретирање, заплашување, па дури и насилство. Слободата на медиумите е тесно поврзана со правото на пристап до информации на граѓаните. Овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право, клучно за информирано донесување одлуки и функционирањето на една демократија“, рече Драган Секуловски“, извршен директор на ЗНМ.
Секретарката на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска се заблагодари за хуманоста и додаде дека функцијата која ја вршат новинарите е многу важна.
„Исто така вашата активност, вашата работа во нашето општество и глобално на светско ниво покажува навистина дека сте луѓе кои заслужуваат почит бидејќи и во мирнодопско време и во време на кризи, војни вие сте тука да ги информирате луѓето за тоа што се случува. Сметам дека бројката од 125 новинари кои го загубиле животот во една година исто така на своите работни места говори за тоа колку сте изложени на ризици. Меѓутоа повторно истакнувам дека начинот на којшто во Македонија го одбележуваме овој ден се покажува навистина почит кон животот“, рече Тунева-Пауновска.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Општина Охрид да одговори за градбата на хотелот во туристичкиот локалитет „Горица“
На иницијатива на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска се одржа седница на Националната комисја на УНЕСКО, на која беше разгледана актуелната состојба со изградба на хотелски комплекс на туристичкиот локалитет „Горица“.
Членовите на Комисијата донесоа заклучоци со барања до Општина Охрид, како надлежен орган, за доставување на целокупната документација околу изградба на пртедметната локација.
Министерката Косдадиновска-Стојчевска рече дека со оглед на надлежноста и одговорноста што Комисијата ги има, ова тело не смее да остави простор за изигрување на постојаната законска регулатива, поврзана со заштитата на светското природно и културно наследство.
Затоа, Националната комија на УНЕСКО побара од Општина Охрид да ја достави целокупната документација поврзана со предметната парцела: урбанистичка документација за предметната градежна парцела (извод од план или урбанистичката документација врз основа на која е планирана оваа градба и со која е оформена градежната парцела), договор и анекси на договорот за отуѓување на градежно земјиште со електоронско јавно наддавање за градежната парцела, одобрение за градење на градбата од градежната парцела, проектна документација за градбата од градежната парцела врз основа на која е издадено одобрението за градење, известување за почеток на градба, дозвола за сеча на шуми согласно закон и сите други документи поврзани со предметната градежна парцела, а биле потребни за реализација на градбата од градежната працела.
Со оглед на тоа што претставниците на надлежните институции, членки на Националната комисија се изјаснија дека немаат никаква документација поврзана со предметот, беше донесен заклучок од Општина Охрид, чиј претставник не присуствуваше на седницата, да биде побарана целокупната документација која датира од 2011 година наваму.
Во воведот на седницата, Костадиновска-Стојчевска посочи дека до надлежните институции од културата не е доставено барање за изработка на планска документација. Исто така за предметната локација не е доставено никакво барање до НУ Завод и Музеј – Охрид и не се изготвени заштитно конзерваторски основи (ЗКО).
Проект за изградба на предметната локација не е доставен до надлежните институции од културата бидејќи во тој период не беше донесен План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. По донесување на План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не е доставен проектот ниту до Комисијата за управување со природно и културно наследство на Охридскиот Регион ниту до НУ Завод и Музеј – Охрид.
По добивање на потребната документација и информациите од Општина Охрид, Националната комисија на УНЕСКО ќе се произнесе со свои заклучоци и препораки во однос на изградба на хотелски комплекс на „Горица“.
Македонија
„Влен“: Влада и Бадентер да, но без ДУИ и Левица
ДУИ ги напушти вредностите за кои се залагаше во 2001 кога наместо за Албанската кауза почна да се грижи единствено за џебовите на нивното раководство и ним блиските роднини. Кога од партија се претворија во Коза Ностра, велат од албанскиот опозициски блок „Влен“.
„Сега кога доаѓа време за одговорност за коруптивните скандали се обидуваат како штит да го користат целиот Албанскиот народ и помалите етнички заедници кои ги користат како заложници. Тие веќе видени трикови не поминуваат. После 8-ми мај ќе има и Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички репрезент на Албанците, ќе има и Бадинтерово мнозинство, ќе бидат обезбедени и фундаментите на Охридскиот Рамковен договор и ќе има одговорност за сите што се огрешиле пред законите“, велат од „Влен“.
Како што оценуваат, не може и не смее одењето во опозиција ДУИ да го претставува како проблем за опстанокот на државата, бидејќи тоа е крајно неодговорно и кукавички. Затоа ги повикуваме да престанат да ги срамат Албанците и славните борци на УЧК.
„Не е крај на светот ако отидат во опозиција. Гарантираме дека нема да има политички реваншизам туку ќе само одговорност утврдена во фер правосудни постапки“, велат од партијата преку соопштение.