Македонија
Тошковски во посета на Секторот за компјутерски криминал и Одделот за прекршоци: во фокусот задржување на постојниот и привлекување нов кадар
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес, оствари работни посети во Секторот за компјутерски криминал и Одделот за прекршоци, каде што одржа работни состаноци со раководствата на овие организациски единици на Министерството.
Секторот за компјутерски криминал има специфичен делокруг на работа и постапува по неколку кривични дела, како што се загрозување на сигурноста по пат на информатички систем, злоупотреба на лични податоци, прикажување порнографски материјал на малолетник, производство и дистрибуција на детска порнографија, намамување за обљуба или друго полово дејство на малолетник кој не наполнил 14 години и други.
„Имајќи ги предвид квалификациите што се потребни за кадарот што работи во овој сектор и конкуренцијата на пазарот на труд, потребно е најбргу што може да се преземат соодветни мерки, со цел задржување на постојниот и привлекување нов кадар во овој дел.
Во однос на Одделот за прекршоци, исто така има недостиг на соодветен кадар, кој треба да исполнува посебни услови во согласност со Законот за прекршоците за ефикасно извршување на големиот обем на работа што го имаат. Во иднина треба да се размислува за олеснување на процедурите во делот на прекрошочната постапка, дигитализација и користење на бенефитите што ги нудат современите софтверски решенија“, истакна Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.
Македонија
Гужви на границите, Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез
Од 11:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез. На ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет се очекуваат задржувања за влез во државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

