Македонија
Тошковски на средба со британскиот министер: „Презедовме мерки за граѓаните да може достоинствено да извадат лични документи“
Средба на министерот за внатрешни работи, Тошковски, заменик-министерот Буши и дополнителниот заменик- министер Бојмацалиев со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заменик-министерот Назим Буши и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата Тошковски упати на продлабочување на соработката меѓу полициските органи на двете држави за поефикасно дејствување во сузбивањето на меѓународните опасности врз јавната безбедност и врз меѓународниот криминал, со акцент на поефикасна и поефективна борба против организираниот криминал.
Накратко го запозна амбасадорот Лосон за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите што ни претстојат. Во таа насока улогата на МВР е законито и професионално постапување во организирањето и спроведувањето фер и демократски изборен процес. Во тој контекст Тошковски укажа на неможноста, во согласност со законот, во рамките на 15 раководни работници во Министерството да назначи началник на СВР Тетово, со што се нарушува можноста да биде гарант на изборниот процес за тоа подрачје.
Тошковски ги образложи преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење лични документи со цел граѓаните да може на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во тој контекст укажа и на почитување на правните процедури во однос на рокот на важност на патните исправи.
На средбата амбасадорот Лосон ја потенцира улогата на Министерството за внатрешни работи како гарант за безбедни, фер и демократски избори. Воедно, ја поздрави успешната билатерална соработка меѓу двете држави и министерства за внатрешни работи ставајќи притоа акцент на тековните проекти од аспект на зголемување на капацитетите на македонската полиција и унапредување на оперативната соработка во областа на организираниот криминал.
Дополнителниот заменик-министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со Обединетото Кралство, особено за остварувањето на можноста за признавањето на возачките дозволи. Воедно, нагласи дека раководството на МВР во овој состав на техничка Влада засега функционира професионално и законито, без политички влијанија, со што се потврдуваат заложбите за организирање фер и демократски избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдено повозрасно лице изгубено на Плачковица
Во спасувачка потрага синоќа е пронајдено 66-годишно лице кое се изгубило на планината Плачковица.
Како што денеска соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК),лицето е пронајдено околу еден часот по полноќ од страна на спасувачите од Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани откако во 18:08 часот на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК била добиена информација за исчезнато лице.
– Лицето заедно со негов пријател дента се упатиле по пешачка патека кон езерото Дивичев Вир на планината Плачковица. Но, при крајот на денот, пријателот се вратил дома, а 66-годишникот не, бидејќи се изгубил во планината. Случајот бил веднаш пријавен во Полициската станица Кочани. Во потрагата на лицето прво се вклучиле членови од неговото потесно семејство. За итниот случај, од ЦУК биле известени ДЗС од Кочани и Горска служба, а на потрагата се приклучиле и други субјекти од локалната самоуправа. егионалниот ЦУК Штип пред полноќ информираше дека изгубеното лице на Плачковица е пронајдено живо и во добра состојба во 22.50 часот, од страна на членови на Доброволна планинска спасувачка служба „Осогово“ Кочани, информира ЦУК.
Поради подолгиот престој на студено време во планината, лицето било згрижено од страна на спасувачите, а потоа безбедно спуштено до селото Зрновци, каде што имало возила на полицијата и на Итната медицинска помош од Кочани.
Македонија
Професор д-р Атанаско Тунески: Енергетската самостојност е услов за самоодржлива држава, а ЗНАМ нуди мерки кои тоа ќе го овозможат
Денеска Движењето ЗНАМ – За наша Македонија одржа прес конференција на која професор д-р Атанаско Тунески зборуваше за мерките во енергетиката што се предвидени во програмата на Движењето „Проглас за достоинствена Македонија“ за претстојните парламентарни избори.
Професор Туневски рече дека заложбите за самоодржлива држава подразбираат самојстојност во покривањето на потребите од електрична енергија со производство во енергетските капацитети во државна сопственост.
„Најважните цели во делот за енергетиката од програмата “Проглас за достоинствена Македонија” се: изградба на 2 гасни когенеративни електрани (ТЕ-ТО Скопје и ТЕ-ТО Неготино), до мај 2027, во државна сопственост; почеток на изградба на ХЕЦ Чебрен во државна сопственост, со формирање на Дирекција за изградба на ХЕЦ Чебрен, најдоцна 4 месеци по формирањето на новата Влада; избор на стратешки инвеститор за реализација на проектот Вардарска долина, кој содржи 12 хидроцентрали, најдоцна 2 години по формирањето на новата Влада; завршување на изградбата на гасоводите: Неготино (Кавадарци) – Битола, Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево, како и интерконективниот гасовод со Грција, со што со гасоводна мрежа ќе биде покриено околу 70% од населението во Македонија,; зголемување на производството на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост за најмалку 30% во однос на 2023-та година; намалување на трошоците за производство на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост за најмалку 25% во однос на 2023-та година“, рече професор Туневски.
Тој нагласи дека реализацијата на овие цели ќе овозможат енергетска независност на Македонија преку сериозно зголемување на производството на електрична енергија во енергетските капацитети во државна сопственост.
уневски додаде дека Програмата “Проглас за достоинствена Македонија” на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија обезбедува максимум за Македонија преку максимум во енергетиката во Македонија.
Македонија
Крмов од Македонска Каменица: Посебен закон за пензионирање на рударите. 20 години стаж и 10 години бенефициран стаж
Денес, Носителот на листата на Левица во ИЕ3 – пратеникот Борислав Крмов, заедно со членот на Президиумот на Левица – Александар Симонов и советникот од Левица, Тони Стаменковски, остварија средба со граѓаните на Македонска Каменица.
На средбите со рударите, имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат тие, пратеникот Крмов истакна:
,,Во моментов рударите одат во пензија со,
од прилика, 27 годишен стаж и 13 години бенефициран стаж. Во ниедна држава не е така. Секаде е тоа помалку, што значи дека ние како пратеници во Собранието ќе бараме посебен закон за рударство, којшто ќе намали на: 20 години стаж и 10 години – бенефициран стаж”.
Пред граѓаните на Македонска Каменица, Крмов истакна и дел од мерките предвидени во изборната програма на Левица што се однесуваат на инфраструктурата и заштитата на природните ресурси:
– Целосна обнова и проширување на руралната патна инфраструктура на локални патишта – со цел поврзаност
на секое село до главните транспортни артерии;
– Прогласување за национални богатства на водите, шумите, рудите и минералните ресурси и забрана за нивно издавање под концесија!;
– Ограничување на концесионерството на природните богатства и на јавните добра и услуги, со целосна забрана за давање под концесии на водни ресурси.
Во однос на домашното земјоделско производство и мерките за земјоделството и стопанството, Крмов се задржа на следново:
– Заштита на домашното производство (Made in Macedonia);
– Рестартирање или отворање на нови профитабилни државни компании во секоја стратешка гранка од стопанството како: рудници, металопреработувачка индустрија, откупни пунктови за земјоделски и шумски производи, производство на автохтона храна и пијалоци и многу други стопански дејности.
Стимулирање на задругарството и кооперативите, во сите сфери на здружување е една од мерките во Програмата на Левица. Тука се мисли на работнички кооперации, земјоделски задруги итн.
Оттука, Левица се залага за поттикнување на задругарството преку проектот „Мало селско стопанство“ (т.н. аграрни кооперативи) со стручна, техничка и техолошка, т.е. механизациска поддршка на земјоделските задруги.
Крмов од Македонска Каменица ја истакна и програмската мерка за гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници потребни за секојдневен живот на населението.
Ова е само мал дел од над 1000 мерки и проекти, предвидени во Изборната програма на Левица, нагласи Крмов.