Македонија
Тошковски – Нешиќ: Одличната соработка меѓу двете министерства дава одлични резултати за безбедноста на нашите граѓани
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со делегацијата на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот за безбедност, Ненад Нешиќ. Фокусот на средбата беше ставен на продлабочување на меѓусебната соработка и унапредување на пријателските односи меѓу македонското министерство за внатрешни работи и босанското министерство за безбедност.
„Разговаравме за сите прашања кои се во интерес на двете држави во насока на оној пат кој ни претстои во правење на сите потребни реформи со цел доближување кон европското семејство. Тоа е наш единствен пат којшто треба да го изодиме заедно во иднина. Заедничката соработка е на одлично ниво и постојано работиме на нејзино унапредување. Соработка на самите полиции е тековна и одлична која дава резултати. Како наша иницијатива го разгледавме прашањето на создавање на Регионална асоцијација на центри за обука која треба да ги обедини сите центри за обуки на регионалните полиции и заеднички да напредуваме и да ја унапредуваме професионалноста на полициите во регионот.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски уште еднаш се заблагодари на излегувањето во пресрет на Босна и Херцеговина која во периодот на менувањето на личните карти и пасоши дозволи граѓаните кои имаат валидна лична карта и пасош да може да транзитираат низ нејзината територија што е всушност уште еден доказ на добрата соработка на двете министерства и двете полиции во насока на олеснување на животите на своите граѓани.
Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ изрази задоволството што Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија немаат отворени прашања, одлично соработуваат како две пријателски земји и тоа и во иднина ќе го негуваат.
„Денес разговаравме за сите проблеми за безбедноста и на двете држави како нелегалната миграција, трговијата со луѓе, криминалот и корупцијата и се она што ги загрозува граѓаните на двете земји. Двете министерства, двете полиции работат за сузбивање на криминалот и криминалците без разлика во која држава се наоѓаат и интензивната заедничка соработка досега дава одлични резултати.“, нагласи министерот Нешиќ.
Двајцата министри се сложија дека унапредувањето на соработката ќе продолжи и во следниот период и на посетата на министерот Тошковски на министерството за внатрешни работи на БиХ која ќе се случи во првата половина на следната година ќе биде потпишан протокол помеѓу двете министерства за соработка во областа на форензичките испитувања и вештачења, со цел размена на професионални искуства во воспоставувањето и функционирањето на различни сегменти на форензички активности, пружање поддршка во унапредувањето на методите на работа, едукација на кадри и научни истражувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без струја неколку скопски населби
Поради реализација на инвестициски зафат, а со цел подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија, во четврток 26.02.2026 година, од 04:00 до 08:00 часот, екипите на Електродистрибуција ќе работат на реконструкција и модернизирање на трафостаницата „Васил Главинов“.
„Во овој период без снабдување со електрична енергија ќе останат следните локации на територијата на градот Скопје: населба Север, Топанско Поле, дел од Чаир, дел од Шуто Оризари, населба Бутел, цело Визбегово и индустриските објекти во индустриска зона „Визбегово“.
Македонија
„На кого веќе не му е јасно? Домашниот притвор за Груби –дил за политички цели“, велат од СДСМ
„Одлуката за домашен притвор за Груби не е правна, туку политичка. Таа е директна последица на политички дил и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ОКГ. Со месеци СДСМ предупредува дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
„Се менува јавен обвинител за да се стави обвинител под контрола на власта, се елиминираа независни кандидати, се инсталираа партиски кадри.
Сопруга на екс градоначалник на ВМРО ја назначија за член на Судскиот совет. Советник на Мицкоски беше избран во Уставниот суд. Портпаролката на Владата ги знае судските пресуди за случаи во тек.
Шефот на Обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец. На кого веќе не му е јасно?
Домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана, правда нема, има контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Правна држава нема – има дил за политички цели и кампања на власта!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“
Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот, велат од „Вреди“.
Според нив, Ккќниот притвор не е олеснување. Тоа е, како што велат, знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите.
„Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника.
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса“. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите.
Затоа стравот во Мала Речица не е случаен. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. Кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги. И кога ќе стане јасно дека Груби не е само товар за ДУИ, туку потенцијална искра што може да ја запали целата нивна конструкција“.
Ова, додаваат од коалицијата, не е крај. Според нив, ова е почеток на процес што може темелно да ја разниша конструкцијата изградена околу Али Ахмети.

