Македонија
Тренчевска: ДПМНЕ го руши законот за јавни набавки, си отвора пат кон масовна корупција
Со предложените измени на Законот за јавни набавки, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги отвори вратите за неограничени злоупотреби на јавните средства, укинувајќи ја единствената заштита што го штити буџетот на граѓаните – управната контрола на Бирото за јавни набавки. Ова е директен удар врз транспарентноста и борбата против корупцијата и уништување на Законот од 2019 година. Ова е отворање на пат кон масовна корупција и враќање на системот во времето на неказнети тендерски злоупотреби, вели пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска.
„Со овие измени, ВМРО-ДПМНЕ сака целосно да ги отстрани сите контролни механизми, претворајќи го Законот за јавни набавки во алатка за нивни лични интереси. Укинувањето на управната контрола создава идеални услови за коруптивни зделки, непотизам и злоупотреба на парите на граѓаните. Ова значи дека јавните набавки повеќе нема да бидат под никаква контрола, а јавните пари ќе завршуваат во џебовите на привилегираните фирми блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ Без дебата, без транспарентност, без одговорност, ДПМНЕ се обидува овој закон да го протне по скратена постапка. Без консултации со експертската јавност, невладините организации или професионалците кои се занимаваат со јавни набавки, ова е јасен обид да се сокрие вистинската намера на власта – јавните пари да станат лична каса на партиските структури“, посочува Тренчевска и додава:
„Со оваа измена, ВМРО-ДПМНЕ го враќа времето кога тендерите беа само формалност, а договорите однапред се договараа во партиски канцеларии. Ова е враќање на режимското владеење кое ги ограби граѓаните и ја зароби државата во мрежа на корупција и клиентелизам. СДСМ се спротивставува на оваа скандалозна и опасна идеја и бараме јавна расправа и целосна транспарентност. Поднесовме амандмани со кои бараме задржување на досегашните одредби, како и јавна расправа за предложените измени на Законот за јавни набавки. Бараме ставот на експертите, невладините организации и јавноста да биде слушнат. Контролата над јавните набавки не смее да биде укината – тоа е единствениот начин да се заштитат интересите на граѓаните. Граѓаните мора да бидат будни, ова не е само техничка измена на закон – ова е опасен обид за целосна узурпација на јавните средства. Ги повикуваме граѓаните да се спротивстават на оваа манипулација и да го заштитат буџетот кој е нивни, а не партиски. Јавните набавки мора да бидат подложни на најстроги контроли и целосна транспарентност“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

