Македонија
Тренчевска не очекува да се утврди минималната пензија до крајот на месецот, комплексно е прашањето
На утврдување на минималната пензија се работи, но до крајот на месецот министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, не очекува решение. По посетата на домот на културата во Ѓорче Петров денес, таа извести дека за минималната пензија ќе треба да се почека.
„Се работи на едно системско решение за предлог-одредби за утврдување минимална пензија. Не очекувам дека многу бргу, дека до крајот на овој месец, ќе се донесе некакво решение затоа што тоа сепак е едно комплексно прашање, со кое се регулира минималната пензија“, рече министерката Тренчевска.
За разлика од утврдувањето на минимална пензија, пензионерите со минимални пензии и ранливите категории нема многу да чекаат за новите мерки за помош. Министерката Тренчевска очекува до крајот на неделата да бидат донесени од страна на Владата. Рече дека со нив ќе бидат опфатени поголем број пензионери и граѓани од ранливите категории, но не сака да кажува детали сѐ додека не биде објавена одлука. Извесно е дека граѓаните што ќе бидат опфатени со новите мерки ќе добиваат месечна поддршка, а колку време ќе ја добиваат, ќе прецизира одлуката на Влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајна несреќа на патот с.Караорман – Штип, сообраќајот во прекин
Од 19:35 часот во прекин е сообраќајот на регионалниот пат с.Караорман – Штип поради сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Станковиќ: Буџетот за 2026 година е реален и има мерки за самовработување и сузбивање на сивата економија
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ кој истакна дека буџетот е изготвен врз основа на реални економски показатели и дека проекциите на приходната страна се остварливи.
Станковиќ посочи дека растот на планираните приходи е резултат на подобрена наплата на царини и концесии како и на позитивните трендови кај активните мерки за вработување.
„Првата работа околу буџетот кога го анализираме и гледаме треба да ја видиме приходната страна, значи се предвидува еден буџет од 374,9 милијарди денари и е за 6% поголем од средствата кои предвидела државата да ги собере во буџетот во 2025 година. Сметам дека овие средства се реални да се соберат, земајќи ја во предвид 2025 година, каде што имавме сериозно зголемување на наплатата на царини, концесии, пред неколку дена се случи една позитивна вест а тоа е видовме каков е интересот на граѓаните за сите оние мерки кои ги предвидува Владата за самовработување, 6045 апликанти тоа значи дека во наредната 2026 година по основ на вработување можеме да очекуваме поголеми приливи, тоа ни дава за право дека овие средства кои ги предвидува Владата на Република Македонија се остварливи“, рече Станковиќ.
Тој нагласи дека Владата активно работи на сузбивање на сивата економија, истакнувајќи дека се спроведуваат активности со цел да се намали загубата на јавни приходи и да се зголеми финансиската дисциплина.
„Втората работа, веќе се работи сериозно на намалување на сивата економија, огромни средства од 600 до 700 милиони евра на годишно ниво се одлеваат на сивата економија. Мораме да ја сузбиеме сивата економија и оваа Влада прави сериозни напори за сузбивање на сивата економија. Првата работа воведувањето на е-фактурата е една од тие мерки којашто ни овозможува да ја контролираме сивата економија во државата. Второ институциите почнуваат да даваат резултати“, вели Станковиќ.
Македонија
Сиљановска-Давкова го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командантот на Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија го одликуваше генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги
Генералот Најт го добива високото македонско одликување за неговиот особен придонес во воената соработка и продлабочувањето на македонско-американското пријателство.
Доделувајќи го орденот, претседателка Сиљановска-Давкова посочи дека лидерството и посветеноста на американскиот генерал-мајор Најт, помогнаа да се создадат бројни генерации на одлично обучени македонски офицери, подофицери и војници.
Таа потсети дека Националната гарда на Вермонт веќе три децении ги поддржува македонските воени сили, како квалификуван, искусен и посветен партнер во обуки, но и како доверлив сојузник на патот кон мирот, стабилноста и демократијата.
Врачувајќи му го орденот на генерал-мајор Најт, претседателката рече дека оваа државна награда не е само израз на благодарност за неговата неуморна и вредна работа, туку и на нашата почит кон вредностите коишто тој ги персонифицира: дигнитет, интегритет, кредибилитет, дисциплинираност, храброст, емпатија, моралност.
Генерал-мајор Грегори Најт, на церемонијата нагласи дека орденот им припаѓа на илјадници војници од Националната гарда на Вермонт, кои беа вклучени во 35 годишната соработка.
„Ова партнерство сигурно е најзначајниот дел од мојата воена кариера од речиси 43 и пол години. Во Македонија доаѓам скоро 25 години, искуството и патувањата беа неверојатни. За мене, вистински, искрени и длабоки се пријателствата коишто ги создадов тука“, истакна генерал-мајор Најт.
Пред церемонијата, претседателката и генералот остварија средба на којашто се согласија дека поддршката од Вермонт беше клучна во подготовката на земјава за членство во НАТО, исполнувајќи ги стандардите на Алијансата и подобрувајќи ја интероперабилноста со другите сили на НАТО.

