Македонија
Тренчевска: Новото нормално на ДПМНЕ, да отфрлаат закони кои значат намалени трошоци за граѓаните
„Новото нормално на Христијан Мицкоски е дека ДПМНЕ и нивните приврзоци ЗНАМ и ВЛЕН застанаа против граѓаните и не ги прифатија законите за намалување на ДДВ на струјата и основните прехранбени производи,“ истакна пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Денес во Собранието на Република Северна Македонија, сведочевме на уште еден акт на отуѓеност и негрижа од страна на владејачкото мнозинство. Наместо да ја прифатат мерката која директно ќе им помогнеше на граѓаните, пратениците на ДПМНЕ и нивните коалициски партнери ги отфрлија предложените измени на Законот за ДДВ, со кои предвидовме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и целосно укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, вели таа.
„Ова беше можност да се стави крај на скапотијата и да им помогнеме на граѓаните да имаат пониски сметки за струја и поевтина храна. Но, за жал, ДПМНЕ уште еднаш покажа дека партиските калкулации им се поважни од животниот стандард на народот,“ потенцираше Тренчевска.
Во време на постојан пораст на цените на храната, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се борат со неизвесноста за секој нареден месец, владејачкото мнозинство одби, додаде таа да поддржи конкретни мерки што веднаш ќе значеа намалени трошоци за домаќинствата.
„Предложивме одржливи решенија – намалувањето на ДДВ-то за струјата ќе значеше 13% пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. На пример, за сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки заштедата ќе беше уште поголема,“ нагласи Тренчевска.
Истото, како што вели, важи и за основните прехранбени производи – намалувањето на ДДВ од 5% на 0% ќе значеше над 3.000 производи поевтини, вклучувајќи леб, брашно, млеко, јајца, масло, шеќер и сите други неопходни намирници што секојдневно ги купуваат граѓаните.
„Но, наместо да ги поддржат овие мерки, сведочиме на политички калкулации и отфрлање на предлози кои можат да направат реална разлика во животите на граѓаните. Ова е уште еден доказ за тоа колку е оддалечена оваа власт од реалноста,“ заклучи Тренчевска.
СДСМ, како што најави, ќе продолжи да се бори за мерки кои вистински ќе им помогнат на граѓаните и ќе го заштитат нивниот стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

