Македонија
Тренчевска: Со новата детска градинка во општина Центар се обезбедува згрижување нови 150 деца
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, официјално го означи почетокот на изградба на новата детска градинка „Пролет“, која се наоѓа во населбата Пролет.
Новата градинка, која е прва градинка во населбата Пролет, ќе обезбеди опфат на 150 деца, сместени во 9 занимални. Овој капитален проект ќе обезбеди поддршка во згрижувањето на децата од населбите Пролет и Маџир Маало, велат надлежните.
Тренчевска го потенцира значењето на предучилишното згрижување и воспитание, кое е клучно за понатамошниот психофизички развој на децата и нивно поуспешно приспособување во понатамошниот образовен процес. Таа ја посочи како особено значајни инклузивноста и пристапноста на децата со попреченост, која оваа градинка ја има воспоставено при креирањето на проектот за нејзина изградба.
„Како Министерство чија надлежност е детската заштита, во континуитет инвестираме во зголемување на капацитетите за згрижување деца, креирање програми за работа соодветни за возраста на децата, но и не помалку значајно – зајакнување на капацитетите на вработените во јавните установи за предучилишно воспитание“, рече Тренчевска.
Таа информира дека од 2017 година до денес обезбеден е опфат на нови 4.300 деца во предучилишно воспитание преку изградба на 69 градинки во државата, а само во градот Скопје се отворени 17 детски градинки.
„Со изградбата на оваа градинка се овозможува децата што се на листите на чекање за прием во детските градинки во другите населби да влезат во воспитно-образовниот систем и да се подготват за образовниот процес. Воедно, им овозможуваме на младите родители згрижување на нивните дечиња, но создаваме и услови за нови вработувања“, истакна градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој информира дека изградбата на детската градинка е резултат на ослободено државно земјиште по ревидиран детаљно урбанистички план и е место на кое претходно бил впишан деловен објект. Герасимовски потенцира дека локалната самоуправа треба да работи според потребите на граѓаните.
До крајот на годината, според најавите, предвидено е отворање уште четири објекти во Скопје, и тоа во општините Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и во Сопиште, а градинките во Чаир и Арачиново, кои се исто така во тек на градба, а ќе бидат отворени 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.

