Македонија
Трипуновски на увид во штетите од невремето во Тетово и Јегуновце: Ќе ги засилиме активностите за заштита од природни непогоди
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на општините Тетово и Јегуновце каде што изврши увид на ситуацијата на терен после невремето коешто го зафати овој регион.
– Денеска сум на посета и на еден краток увид на ситуацијата на терен во општините Тетово и Јегуновце после невремето што го зафати овој регион во неделата вечерта. Преземени се сите законски активности во делот на формирање комисии, рокови за пријавување на штети коишто се случија во домовите и на земјоделските посеви и веќе комисиите ќе излезат на терен и да извршат проценка на штети. – изјави Трипуновски.
Според информациите во општина Јегуновце се очекуваат 100тина апликации за штети, додека за територијата на општина Тетово се уште не се знае точната бројка.
– Сакам да упатам еден апел, ние како Министерство, како Влада, во наредниот период ќе ги засилиме активностите и афирмацијата на мерките коишто ќе ги нудиме за заштита од природни непогоди што ќе се случуваат во иднина. Оваа штета која што сега е настаната значи помалку буџет на семејствата коишто егзистираат само од оваа гранка. Ова обештетување можеби ќе ги залечи раните меѓутоа ќе биде многу тежок момент, затоа ние ќе се обидеме и ќе дадеме се од себе во наредните години да заштитиме што е можно повеќе- заврши Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

