Македонија
Три години затвор за возачот што ја прегази девојката кај „Сити мол“
Тригодишна затворска казна доби возачот Јордан Ѓоргиев, кој ја стори сообраќајната несреќа кај „Сити мол“. Тој доби и забрана за управување со моторно возило следните три години откога пресудата ќе биде правосилна. Тој ќе остане во притвор сѐ до правосилноста на пресудата поради тоа што судот смета дека може да се даде во бегство. Судијката Љубинка Башевска ја изрече казната по само едно рочиште, на кое обвинетиот ја призна вината. Според судијката, Ѓоргиев не се придржувал на прописите во сообраќајот, не обрнал внимание на пешаците, а возел и со недозволена брзина.
„Му изразувам длабоко сочувство на семејството на сега покојната Валентина. Мислев дека и лично ќе бидат тука да им го кажам тоа. Советот ги имаше предвид сиге отежителни и олеснителни околности. Отежителни околности се тежината на кривичното дело, недозволената брзина со која се управувало возилото, општествената опасност, запретената казна, загубениот човечки живот. Советот ги ценеше олеснителните околности, тоа се признанието, возраста, не е осудуван, нема постапка за друго кривично дело, тоа што е студент, не е оженет. Тоа беа повеќето од причините поради кои одлучивме благо ублажување на законскиот минимум“, рече судијката Башевска.
Сообраќајната несреќа, во која загина 24-годишната Викторија Николова, а нејзиното момче Леонид Даов беше повреден, се случи на 20 јануари на раскрсницата кај „Сити мол“. Возачот Јордан со брзина од 67,3 километри на час, што е 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, удри во двајцата пешаци што поминувале улица. Според обвинението, возачот не обрнал внимание дека семафорите се исклучени, со тоа, иако бил должен, тој не ги пропуштил пешаците.
На претходното рочиште возачот изрази и каење, па рече дека ако би можел да смени нешто, би го сменил местото со покојната. Неговиот адвокат Душко Јанковиќ рече дека тој никогаш не оспорувал оти ја сторил несреќата. Посочи дека е од невнимание. Јанковиќ го молеше судот да биде благ кон Јордан при одмерување на казната, да ги цени сите факти и докази, особено да ги цени искреното каење и признанието дадено и покажано од негова страна.
„Сакам да му изразам сочувство на семејството на покојната. Од тој ден немам ни еден миг раат, многу сум вознемирен. Камо да можам да сменам нешто за тој ден. Доколку би можел, би го сменил местото“, изјави возачот Јордан Ѓоргиев на претходното рочиште.
Обвинителот Мишо Илиевски, кој работеше на случајот, во завршните зборови посочи дека неоспорно е докажана вина и посочи дека се надева оти со казната ќе се превенира за други вакви сообраќајни несреќи направени со прекршување на сообраќајните правила. Адвокатката на повредениот Леонид Даов рече дека признанието вина не треба да биде олеснителна околност.
Адвокатот на семејството Николови рече дека тие не добиле извинување од адвокатот, семејството и од оштетениот и 76 дена по несреќата.
„Сакаме да потенцираме дека денеска е 76. ден од смртта на Викторија и во однос на признавањето вина – сметаме дека тоа е институционално затоа што во текот на овој период ниту семејството на обвинетиот, а и самиот тој, во ниту една форма се нема извинето, нема изразено сочувство или искрено да се покае. Сакаме судот ова да го има предвид и да донесе казна каква што треба за да покажеме владение на правото сразмерно на делото што е сторено“, рече адвокатот Владимир Михајловиќ, кој го застапува семејството на загинатата Викторија Николова.
Обвинението против возачот беше подигнато нецел месец по несреќата, а првостепената пресуда е донесена за помалку од три месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

