Македонија
Тројца кумановци формирале терористичка група по примерот на Исламската држава
Тројца кумановци се обвинети за тероризам и формирање ќелија по примерот на познатата терористичка организација Исламска држава. Во терористичката група „Ќелија“ постоела координација и заедничко дејствување со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи.
По спроведената истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска, до Основниот кривичен суд – Скопје, достави обвинителен акт против три лица од Куманово. На обвинетиот Б. А. (28) му се става на товар дека сторил кривично дело терористичка организација и кривично дело тероризам, а обвинетите В. А. (22) и Е. Љ. (26) со дејствата опишани во обвинението сториле кривично дело терористичка организација и кривично дело тероризам.
„Во почетокот на 2019 година обвинетиот Б. А. создал злосторничка организација – терористичка организација ‘Ќелија’, со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичката група ‘Ќелија’, припадници станале обвинетите В. А.и Е. Љ., како и осумтемина осомничени за кои се спроведува истражна постапка од 28.12.2020 година. Во терористичката група ‘Ќелија’ постоела координација и заедничко дејствување со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи, и тоа: обвинетиот А. Б. како организатор обезбедувал финансиски средства за остварување на целите на злосторничката организација, го договарал и организирал набавувањето – купувањето на оружјето, муницијата и воената опрема, организирал вежбовни активности поврзани со употреба на огнено оружје и експлозивни направи, организирал средби, на кои се прикажувале видеа со радикална содржина, како и начинот на изработка на експлозивни направи. Обвинетите В. А.и Е. Љ. како припадници на злосторничката организација – терористичката група ‘Ќелија’ добивале конкретни задачи од обвинетиот А. Б., обезбедувале логистичка поддршка и имале задача да обезбедат простории, односно објект, во кој ќе ги држат оружјето, муницијата и воената опрема. Воедно, изработувале импровизирани експлозивни направи, обезбедиле патничко моторно возило со кое ќе се пренесува оружјето и учествувале во неговото пренесување и прикривање, а собирале и информации за движење и вршеле опсервирање објекти и локации.
Обвинетите, дејствувајќи по однапред направениот план, со намера да извршат едно или повеќе дела на убиство, телесно повредување, уништување јавни објекти, објекти на инфраструктурата и објекти во општа употреба на територија на Република Северна Македонија, од почетокот на 2019 година се подготвувале, купиле, пренесувале и држеле експлозив, огнено оружје, муниција, гранати, бомби и воена опрема. Притоа изработувале импровизирани експлозивни направи и во два наврата од крајот на април до средината на август 2020 година, со намера да го испробаат разорното дејство на изработените експлозивни направи, ги употребиле во напуштениот објект на поранешниот хотел ‘Ку-ба’ во близина на с. Проевце, Куманово. Како дел од обуката за користење ракетен фрлач – ‘зоља’ и другото автоматско оружје обвинетите од засега непознато лице набавиле ракетен фрлач – ‘зоља’ и вршеле пробно испалување, како и пукање со автоматска пушка во близина на местото наречено Менкова Колиба во близина на Куманово.
Имајќи ги предвид околностите што постоеле во моментот на определувањето на мерката притвор, како и специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело и оправданиот страв дека обвинетите ќе ги повторат кривичните дела, односно ќе бидат во можност да извршат кривични дела: убиство, телесно повредување, изведување терористички акти на цивилни или таканаречени меки цели, како и изведување напади на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територијата на Република Северна Македонија, Обвинителството со обвинителниот акт достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судијата на претходна постапка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

