Македонија
Тројца обвинители од поранешното СЈО во тимот на Русковска
Пет кандидати од кои тројца обвинители од поранешното специјално јавно обвинителство се избрани за нови јавни обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со кое раководи Вилма Русковска. Советот на јавни обвинители со гласање ги избра Лиле Стефанова, Наташа Поп-Трајкова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Катерина Коларевиќ да преминат од основните јавни обвинителства каде работеле во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Според биографиите кои пред гласањето ги читаше претседателот на Советот на јавни обвинители, кандидатите имаат од 8 до 16 години искуство како јавни обвинители. Најголем стаж има Лиле Стефанова, која веќе беше јавен обвинител во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, до пред да премине во специјалното јавно обвинителство.
„Лиле Стефанова работела како основен јавен обвинител во основното јавно обвинителство во Радовиш во периодот од 2004 до 2010 година. Од 2010 година до 2015 година била јавен обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а потоа во СЈО. Има стаж како јавен обвинител од 16 години и добиено оценка од 25 поени. Артан Ајро бил избран во Основното јавно обвинителство во Скопје во 2012 година, каде ја обавувал функцијата до 2015 година. Потоа бил избран за обвинител во СЈО, а од 2019 до денес е обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје. Тој има стаж од 8 години и оценка од 25 поени. Трајче Пеливанов бил избран за јавен обвинител во Основото јавно обвинителство во Скопје во 2009 година и ја обавувал функцијата до 2015 година. Бил избран за јавен обвинтиел во СЈО, а од 2019 година, функцијата ја обавува во Обвинителството во Скопје. Има стаж од 11 години и оценка од 25 поени“, кажа претседателот Колев кој читаше дел од биографиите на обвинителите.
Од останатите кандидати, Наташа Поп-Трајкова и Катерина Коларова ќе направат трансфер од основните обвинителства во Скопје и Струмица во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Наташа Поп-Трајкова во 2012 година била избрана за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство-Струмица каде сè уште ја извршува оваа функција. Истата има стаж од 8 години и оценка од 24.5 поени. Катерина Коларова била избрана за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје во 2009 година и ја обавува функцијата се до денес. Има стаж од 11 години како јавен обвинител. Има оценка од 25 поени.
Меѓу кандидатите кои не го добија потребниот број на гласови се Елизабета Јосифовска која беше заменичка на Катица Јанева во СЈО, специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, обвинителот Никола Доблев, специјалниот јавен обвинител Љубомир Лапе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

