Македонија
Трудница заглавила во лифт во 40-катниците, Ангелов тврди дека ЕВН ја исклучило струјата поради неплатени сметки
Бремена жена утрово заглавила во лифт во една од 40-катниците во скопски Аеродром откако ЕВН ја исклучило струјата поради неплатени сметки. За случајот извести Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.
„Се јавија неколку граѓани да не известат за состојбата. Со ЕВН е стапено усно во комуникација. Без да навлегуваме во имотно-правните побарувања и обврски меѓу ЕВН и кулата Б од Џеваир, конкретно управителите кои ја стопанисуваат оваа кула, апелираме до ЕВН и до управителите да не дозволат да се повтори ваква состојба, бидејќи хипотетички во оваа четириесеткатница, во некои од лифтовите, може да заглават станари. Не треба да чекаме некој да настрада, некој да умре, да биде повреден, за навремено да се реагира. Го повикуваме и управителот на кулата, кој е должен да обезбеди агрегати за производство на струја, за да се премости ваквата несакана ситуација“, рече директорот Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи за овој случај постапувале вработените во Секторот за операции и координации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

