Македонија
Убиени 79 жени во Македонија во последните десет години
Регистрирани се 79 убиства на жени во последните десет години, покажа статистиката на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Во оваа бројка е влезено и завчерашното убиство во Мала Речица кога педесет и тригодишен тетовец ја застрела 52-годишната сопруга и избега. Најголем дел од овие убиства се фемициди, односно најтешка форма на насилство врз жени како последица на домашно насилство или интимно – партнерско насилство.
„Најмалку две третини од овие 79 убиства се фемициди и се извршени од сегашен или од поранешен партнер. Сè уште немаме точна бројка на фемицидите бидејќи во тек се анализите на убиствата на жени во Македонија“, изјави за „Макфакс“ Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Националната мрежа ќе ги презентира наодите од анализите на убиствата на жени во Македонија на крајот на месецов.
Министерството за внатрешни работи нема статистика за убиствата што се резултат на семејно насилство. Статистиката ја прави Националната мрежа против насилство врз жени преку обработка на податоците што ги добиваат од полицијата, од судот и од медиумите. Во анализата ги земаат предвид возраста на жртвата и на сторителот, односот што го имаат, статусот вработен/невработен, постоење на пријава во локална полициска станица и центар за социјална работа, метод на убиство, мотив, место на случување, психичка состојба на сторителот, висина на пресуда, времетраење на судска постапка, како и одбрана на сторителот и признавање на делото.
Националната мрежа против насилство врз жени веќе неколку години предупредува на пораст на фемицидот во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Џафери за порасната трева околу Влада: Градоначалничката доби соодветен одговор со изборниот резултат, граѓаните гледаат и вреднуваат
Техничкиот премиер Талат Џафери по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата која ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата која ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето е сопственост и надлежност на Градот Скопје. Според договореното и обврските ‘Паркови и зеленило’, како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на градот, е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту пак може да предвиди средства за работи кои се надлежност на друга институција. Во тој контекст, јас жалам што излезе така, но секако и на изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на Градот Скопје по однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.
Нова алтернатива, партијата која на изборите ја предводеше градоначалничката Данела Арсовска освои 3.516 гласа, односно 0,35 отсто од гласовите на запишаните избирачи.
Македонија
(Видео) Џафери: Груби ниту е Влада ниту е партија
Ниту Европскиот фронт, ниту ДУИ не повикуваа, ниту мотивираа на бојкот, беше оставено на слободната волја на граѓаните да ја изразат на гласачкото место, кажа премиерот Талат Џафери на денешната прес-конференција.
Во однос на бојкотот на Артан Груби, на вториот круг на претседателските избори, Џафери кажа дека неговиот став е индивидуален и дека не став ниту на Владата, ниту на партијата.
„Индивидуалните ставови не можат да се претставуваат како генерални ставови на субјектот. Груби ниту е Влада, ниту е партија. Јас имав изјава како премиер на избирачкото место и потврдив дека ги земав двете ливчиња и гласав. Индивидуалниот став не е општ став по кој може да се извлече заклучок. Нека си е министер, индивидуа е во однос на Владата, не е став на Владата, ниту на партиски органи. Индивидуално може да каже што сака, тоа е слобода и на мисла и на изразување“, одговори Џафери и додаде дека не може да се повикува на одговорност.
Македонија
Главчев: Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи европската перспектива, повеќе нема да правиме отстапки
Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи својата европска перспектива. Од наша страна, немаме каде да правиме повеќе отстапки. Згора на тоа, позицијата што ја имаме е паневропска позиција.
Ова го изјави вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев по победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори во Северна Македонија, јави „БГНЕС“.
„Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира во Северна Македонија“, рече привремениот премиер.
Главчев додаде дека Бугарија нема повеќе да прави отстапки во однос на пристапните преговори на РСМ во ЕУ и ставот што го имаат е паневропската позиција.
„На нашите пријатели од Северна Македонија мора да им биде јасно дека ако не ги почитуваат барањата за прифаќање членство во ЕУ, тоа нема да функционира“.