Македонија
Умерен сообраќај надвор од градовите

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Во клисурите и засеците можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Сообраќајот на патниот правец А3 Прилеп – Битола – Ресен преку Обиколница Битола е во прекин поради свлечиште кое е расчистено, но од превентивни причини сообраќајот сепак се пренасочува преку градот Битола. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Сметки од услугите од бифињата, СДСМ ги прикажува како трошоци за ручеци на министри

Владата во целост ги демантира, како што ги нарекува, лажните и манипулативни наводи на партијата СДСМ за сметките.
Според Владата, опозициската партија, ресторанските услуги на бифињата ги прикажува за трошоци за ручеци на министрите.
„Тоа не се трошоци на министерот Љутков, ниту министерот Муцунски или друг владин министер, туку трошоци за бифињата кои функционираат во рамките на министерствата, кои ги користат и плаќаат и вработените кои плаќаат за услугите. Впрочем во времето на СДСМ оператор на ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија Концепт“, велат од Владата.
Додаваат дека времињата кога министрите од таа партија трошеа брдо пари за скапи луксузирања и кога министри патуваа со владиниот авион до Ниш или до Солун на шопинг заврши.
Владата апелира: „Со голема претпазливост да се земат лажните вести продуцирани од партијата позната по дезинформирањето. Очигледно СДСМ одбра да продолжи со својата неконструктивност, некадарност и неспособност“.
Македонија
Манасиевски: Дали Филипче е воодушевен од Заев и дали и тој мисли како него дека македонскиот јазик е ист со бугарскиот

Заев тврдеше дека Македонците и Бугарите се ист народ и дека Македонскиот и Бугарскиот јазик се исти. Дали и Венко Филипче го мисли истото, со оглед на тоа дека кажа дека народот треба да учи од Зоран Заев и дека нема друг како него, праша Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев ги опустоши Македонските национални интереси, и како кловн кој ги засмејуваше регионалните политичари. Дали Венко Филипче се гордее и со тоа?“, рече Манасиевски.
Додаде дека е добро што народот знае со сигурност дека Венко Филипче е втор Зоран Заев, и што може да очекува.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати и пошироки права

Порака од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот:
Денеска го славиме 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, ги славиме оние кои работат вредно, посветено и пожртвувано, како и сите оние кои оставиле историски печат во долгата и тешка борба за вреднување на работничкиот труд и почитување на работничките права.
На овој ден им оддаваме заслужена посебна почит и признание на работниците – генерации и генерации на мнозинството луѓе со најголем придонес во создавањето и изградбата на државата и општествените вредности.
Први мај е ден кога работниците и синдикатите со право протестираат за повисоки плати и пошироки права, потенцирајќи го социјалниот карактер на македонската држава што има уставна обврска да води сметка за хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок.
Први мај е вистинскиот ден кога ние, носителите на власта треба да се запрашаме: дали и како се остварува правото на работа, дали секој има слободен избор на вработување, дали вработените се заштитени при вработувањето, дали се соодветно материјално обезбедени при невработеност, дали секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, дали заработувачката е соодветна на трудот, дали секој вработен има право на дневен, неделен и годишен одмор, дали се почитуваат колективните договори?
Пред нас се многу проблеми и дилеми што мора да се надминат.
Социјалната правда не смее да се применува селективно, ниту да се перцепира како недостижен идеал. Таа е невозможна без соодветно вреднување на човековиот труд и без уважување на работничкото достоинствено. Тоа подразбира правична плата, квалитетни услови за работа, безбедност и сигурност во работењето, можност за надградување и напредување.
Во демократски политички систем мора да се слуша гласот на работникот, да се почитува синдикалното организирање и правото на штрајк, да се негува социјалниот дијалог, да се гради партиципативна демократија.
Убедена сум дека само задоволниот работник може да биде продуктивен, ефикасен и ефективен.
Да го чуваме и да вложуваме во нашиот највреден ресурс – човекот!
Честит 1 Мај – Денот на трудот!