Македонија
(Видео) Условни казни за директорите Бесими и Етеми за пожарот во тетовската болница, докторот е ослободен
Ексдиректорот на болницата во Тетово, Флорин Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми се огласени за виновни за пожарот во тетовската модуларна болница. Докторот Бобан Вучевски е ослободен од вина. Според судијата Јордан Велковски, тие предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини, кои биле во болницата во критичниот момент. Смртта на сите лица што загинаа се од изгореници.
Директорите Бесими и Етеми се осудени на казна затвор по една година и шест месеци. Со ублажување на казната им се изрекува условна осуда.
„Утврдената казна нема да се изврши ако во рок од три години не сторат ново кривично дело“, рече судијата.
Милион денари треба да плати тетовската болница. Докторот Вучевски е ослободен од обвинение.
„Обвинетите не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите болни од Ковид-19. Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светската банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница, па сѐ до настанување на пожарот, немале соодветни уреди за заштита од пожар“, рече судијата во дел од образложението на пресудата.
Ексдиректорите на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, не се гонеа поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку затоа што не ставиле пропишани уреди за гаснење пожар. На доктор Бобан Вучевски му се суди бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането. Ова е суштината на обвинетието за пожарот по кое им се суди на директорите и на докторите, чие судење двапати се одлага. Првиот пат поради отсуство на обвинетите, а вториот бидејќи обвинетите дојдоа без адвокат.
Пожарот се гаснел со ќебе и вода. За животот на пациентите се бореле двајца доктори, три медицински сестри и болничарка. Сите барале противпожарни апарати, но не успеале да ги најдат.
„Но, сите тие во обидот да го изгаснат огнот не успеале по што се развиле пожарни дејства и пожарот за краток период се проширил во целиот објект, па како резултат на настанатиот пожар пациентите болни од Ковид-19 и членовите на нивните семејства, погоре наведени, како придружни лица, починале“, се додава во обвинението. За докторот Вучевски има само еден пасус во кој се бара одговроност од него. Но, не за пожарот, ниту за причините ниту за последиците од немањето противпожарни апарати.
„Обвинетиот Б. В. (Бобан Вучевски) како одговорно лице за време на епидемија не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање и спречување и не постапил во согласност со наредбата донесена од страна на медицинскиот директор при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово за забрана на посета на неовластени лица во болничките простории поради појава на сезонски грип и глобалните случувања поврзани со Ковид-19 и дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од Ковид-19, како придружници во модуларната болница“, стои во обвинението.
Директорите се гонеа за две кривични дела, и тоа за тешки дела против општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, а докторот само за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.
Застапник на обвинението е тетовскиот обвинител Бесир Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

