Македонија
Утре без струја делови на Бутел, Гази Баба и Аеродром

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, ги известува граѓаните дека заради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, утре без електрична енергија ќе останат следните корисници:
од 8:00 до 10:00 часот, корисниците од дел од ул. Натанаил Кучевишки во нас. Бутел 1 (општина Бутел)
од 8:30 до 14:30 часот, потрошувачите од улица Неготинска. во нас. Ченто (општина Гази Баба)
од 9:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче (општина Аеродром )
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време со температура до 39 степени

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 31 до 39 степени.
Во Скопје, сончево време и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Во четврток ќе се задржи многу топло време, а во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради брз продор на посвежа воздушна маса од север, во петок времето ќе биде променливо облачно, малку посвежо, а претпладне ќе има услови за локална нестабилност. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и топло со пораст на температурата.
Македонија
Научно-технолошки парк ќе биде основан на техничкиот кампус на УКИМ

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување активности за основање Мултифункционален научно-технолошки парк, со цел поттикнување на постојан економски раст преку инкорпорирање на знаење, иновации и современи технологии за создавање производи и услуги со висока додадена вредност, конкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Според извршените анализи, како најсоодветна локација за реализација на проектот е идентификуван техничкиот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој нуди интеграција со академската средина, услови за трансфер и комерцијализација на знаење, добра инфраструктурна поврзаност (патна, железничка, автопатска и аеродромска), како и потенцијал за привлекување компании, инвеститори и стартапи.
Планирано е паркот да се состои од една или повеќе згради со современа електрична и телекомуникациска инфраструктура, како и флексибилен и ефикасен работен простор, со цел да се создаде регионален центар за иновации, развој и вмрежување.
Дополнително, Владата, а на предлог на Министерството за транспорт, ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување со реализација на неколку улици во Општина Гевгелија, и тоа: Реконструкција на главна улица во с. Моин, реконструкција на улица „Атанас Ѓуров“ во с. Прдејци и реконструкција на улица „Иван Марков Братот“ Богородица, како и проектот: Изградба на водоснабдителен систем во с. Љубанци и с. Љуботен во Општина Бутел.
Македонија
Со потврда од матичен лекар, невработените до четврток можат да се пријават за гаснење пожари за 24.000 денари месечно

Огласот за ангажирање 400 невработени лица за помош при гаснење пожари на Владата е отворен до четврток, потсети денес Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Единствен документ што им треба да пријавување е потврда од матичен лекар дека се здрави, а пријавувањето е во локалните центри за вработување.
„Ги повикувам сите заинтересирани лица за оваа владина мерка најдоцна до четврток да поднесат апликација во локалниот центар за вработување, во кој било град во државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи. Значајно е дека треба да донесат медицинска потврда од матичниот лекар, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, кои би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача. Други документи не се потребни. Од оние кои ќе покажат интерес за оваа работа ќе ги избереме најдобрите и ќе може да бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање“, рече директорот на ДЗС, Ангелов.
Мерката предвидува, невработените лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи, со фокус на создавање противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари, да добиваат месечна плата од 24.000 денари. Владата ја најави оваа мерка минатата недела, директорот Ангелов рече дека иако платата на прв поглед не е примамлива, постои можност за професионално ангажирање на најдобрите.
Владата ја промовираше оваа мерка за да го намали хроничниот недостаток од пожарникари. Во моментов земјава има само околу 800 пожарникари од потребните 1500.