Македонија
Утре без струја корисниците на дел од улицата Тодор Чангов во Аеродром
„ЕВН Македонија“ информира дека утре без електрична енергија ќе останат:
– од 9 до 16 часот без електрична енергија ќе останат корисниците на дел од улицата Тодор Чангов, од раскрсницата кон железарницата „Љубе“ (општина Аеродром).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев: Мапирани се црните точки низ државата, нѝ требаат системски решенија за безбедноста во сообраќајот
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека се направени детални анализи на сообраќајната ситуација во државата, при што биле мапирани критичните точки со најголем ризик за сообраќајни несреќи.
„Проблемот со сообраќајот е согледан и анализиран. Мапирани се критичните точки низ целата држава, не само во Скопје. Започнуваме со системски пристап за зголемување на безбедноста, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и сите релевантни чинители“, истакна Јанев.
Тој кажа дека прекршувањето на сообраќајните правила може да има фатални последици и повика на поголема свест кај граѓаните.
„Не може ако знакот е 60, некој да вози 100. Ако е 100, да вози 200. Работиме на законски измени, со кои мерките ќе бидат порестриктивни, а казните повисоки. Но најважно е да ја промениме свеста – доколку не го почитуваме ограничувањето и возиме со несоодветна брзина, ние стануваме потенцијални убијци на патот“, предупреди Јанев.
Дополнително, директорот изрази загриженост за учеството на малолетници во сообраќајот и апелираше до родителите да не дозволуваат нивните деца да управуваат возила без соодветни дозволи.
„Како родител и како предводник на институција, сметам дека мора да ја подигнеме нашата лична свест. Не треба да им овозможуваме на малолетници пристап до моторцикли и други возила без возачка дозвола. Тоа претставува огромен ризик за нивниот живот и за безбедноста во сообраќајот“, додаде Јанев и најави дека ќе следуваат системски мерки за подобрување на безбедноста, со фокус на технологијата и елиминација на човечкиот фактор во одредени сегменти, со цел поголема ефикасност во контрола на сообраќајот.
Македонија
Николоски: Работиме да ја нормализираме цената на комерцијални станови на пазарот
Со одлуката за намалување на цената на комерцијални станови во Битола што ги гради државата, започнуваме со намерата да ги нормализираме цените на становите на пазарот. Следен чекор е Охрид и Скопје каде ќе понудиме пониски цени од тие што се нудат на пазарот на недвижности, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска присуствуваше на доделувањето на социјални станови во општина Кочани.
“Во следниот период ќе работиме на реализација на комерцијални станови. Јавноста е запозната со одлуката на Владата, комерцијалната зграда која што се гради во општина Битола да биде понудена на продажба по цени кои што се би рекол реални, а тоа е 1000 евра за м2 за станбена површина, 500 евра м2 за гаража и деловните простории по 2000 евра за м2, како би можело да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности, пред се во неколку големи општини. Следни вакви комерцијални станови ќе се градат во Охрид а ваков повик потоа ќе имаме и во Скопје бидејќи многу млади брачни парови не можат да си дозволат да плаќаат по 2000-2500 евра за станбен квадрат “- потенцираше вицепремиерот Николоски
Денеска во Кочани, вицепремиерот Николоски заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за станбен и деловен простор Марјан Стефановски, беа присутни на доделување на социјалните станови на семејствата кои ги исполнуваа условите согласно јавниот повик.
“После неколку месечна успешна работа на новиот директор на ЈП како и на неговиот тим веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливи категории на граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории на граѓани кои навистина имаат потреба од овие станови и се надевам дека среќа и топол дом во истите. Би сакал на сите кои што денеска ги добиваат, да им посакам поубави моменти во истите во годините што се пред нив”, истакна Николоски,
Тој додаде дека инвестицијата за социјалната зграда изнесува 72 милиони денар и дека се работи на изградба на вакви станови и во Прилеп, Македонска Каменица и Бутел во Скопје
Македонија
(Видео) Цветановски: Симовска веднаш да биде разрешена, за хаосот на Клиниката „Козле“ мора да има одговорност
После 40 години е доведено во прашање функционирањето на единствениот оддел за бронхоскопија во државата, многу важна за здравјето на децата. Само поради самоволие на директорката на Клиниката во Козле, Каролина Симовска која Таравари и ДПМНЕ упорно ја штитат, кажа денеска на прес конференција, Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Последен скандал на ова Клиника е со докторката Јосифова, искусен лекар со 27 години искуство. Симовска ја брка од работа на улица, замислете само затоа што сакала да спаси детски живот! Срамота! Мобинг, лични напади и малтретирање на лекар, врвен специјалист, кој целиот свој живот го посветил на борба за подобро здравје на децата. Тоа го доживуваат докторите денеска во здравството. Пред овој скандал, врвни специјализирани доктори за бронхоскопија си поднесоа оставки поради нејзиното скандалозно однесување. Згора на се, Клиниката „Козле“ се соочува и со сериозни недостатоци на неопходни медицински апарати и материјали, вклучително и „баскет“ апарати, кои се од клучно значење за детските пациенти. Неспособноста и хировите на Симовска се на директна штета на најважното-здравјето на децата“, изјави таа.
Цветановски рече дека „цел лекарски колегиум на Клиниката Козле се крена и бара смена на Симовска само ДПМНЕ и Таравари упорно ја штитат“.
„ДПМНЕ и Таравари се соучесниви во хаосот на Клиниката Козле и се ставаат во заштита на мобингот, непрофесионалноста и нападите врз лекарите. Дали власта на ДПМНЕ е свесна за штетата што ја прават? Што саката да нема кој да ги лечи децата? Дали имаат грам осет или партијата им е поважна од животите на децата? Наместо да ја штити Симовска, Таравари треба да застане во одбрана на децата и лекарите кои посветено се борат за нивното здравје. За драматично лошите состојби на клиниката мора да има одговорност. Таравари и ДПМНЕ да престанат со партиската заштита да преземат итни мерки за заштита на децата, лекарите и здравствениот систем и Симовска веднаш да биде разрешена. Здравјето на децата нема цена и нема партиска припадност!“, заклучи Цветановски.