Македонија
Утре постудено време со силен ветер, на планините ќе провејува снег

Утре, времето ќе биде променливо облачно и постудено. Претежно во планинските подрачја ќе провејува слаб снег. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен правец (над 70км/ч), особено изразен по должината на Повардарието и во источните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната од 1 до 8 степени.
Во Скопје променливо облачно со засилен, повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Утре, ќе дува засилен, повремено силен северен ветер (над 70км/час), а претежно во планинските подрачја ќе провејува слаб снег. Дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива во Њујорк

На маргините на 80. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, денеска се одржа првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) – настан кој претставува историски момент и потврда за заедничката посветеност кон регионалната соработка, европската интеграција и конструктивниот мултилатерализам.
Состанокот беше организиран од страна на Република Северна Македонија, која ја презеде едногодишната улога на претседавач со ЈЈИ за периодот 2025–2026 година.
Во своето обраќање, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја истакна симболиката на оваа година, кога се одбележуваат пет години од приклучувањето кон ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), седум години членство во ЈЈИ и 25 години од потпишувањето на Анконската декларација – основата на оваа регионална иницијатива.
Под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, македонското претседателство ја афирмира својата определба за продлабочување на интеграцијата и соработката меѓу земјите членки и нивната врска со Европската Унија. Муцунски ја нагласи потребата од кредибилен процес на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека Западен Балкан мора да остане стратешки дел од европската иднина.
Во тој контекст, беа претставени приоритетите на македонското претседавање: зајакнување на ЕУ интеграцијата и регионалната доверба, дигитална трансформација, подобра инфраструктурна поврзаност, културна соработка и поддршка за младите. Во време на глобална неизвесност беше испратена јасна порака: „Единството е нашата сила, а европската интеграција – заедничка цел.“
Македонија
„Пуцко петрол“ бара јавно извинување за објавено соопштение од Град Скопје

Компанијата „Пуцко петрол“ побара јавно извинување од медиумите за објавено соопштение од Град Скопје во кое ја обвинија компанијата дека ја прекинала доставата на нафта за автобусите на ЈПС.
Од компанијата наведуваат дека во конкретниот случај воопшто не е спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП према нивната компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра по фактури стари и над две години.
„Со вашиот објавен текст за компанијата Пуцко Петрол на датум 22.09.2025 година изразуваме загриженост и разочараност, со кој се нарушува угледот, реномето и деловниот интегритет на нашата компанија. Нецелосната и тенденциозна содржина на текстот води кон погрешно информирање на јавноста, што предизвикува директна штета врз нашата репутација и деловни односи.
Затоа што текстот содржи информации кои не ја отсликуваат реалната состојба и можат да доведат до погрешна перцепција за нашата компанија чувствуваме потреба да реагираме и за истиот бараме јавно извинување.
Темелно и објективно информирање е еден важен принцип за секој медиум особено за информација од јавен интерес. Потребно е секогаш да се обезбедат точни и вистинити информации. Во конкретниот случај воопшто не е ниту спомнат фактот за огромниот долг на ЈСП према нашата компанија кој надминувал и над 10.000.000 евра по фактури стари и над 2 години што е значаен елемент кој заслужува внимание при секое известување на оваа тема.
Нашата компанија како долгогодишен и одговорен снабдувач, секогаш се води од принципите на транспарентност и професионалност.
Дополнително, сакаме јасно да нагласиме дека секоја институција која ги подмирува своите обврски навремено, без исклучок добива гориво согласно договорените услови. Нашето работење е транспарентно, законски усогласено и ориентирано кон стабилност и доверба во деловните односи. Со оглед на горенаведеното, бараме од Вас јавно извинување за нанесената штета и нарушениот углед и повлекување на спорниот текст, во согласност со етичките стандарди на новинарството. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни мерки за заштита на нашите права и интереси. Веруваме дека заеднички можеме да придонесеме за точна информираност, и Ви стоиме на располагање за дополнителни информации“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Од ноќеска на полноќ поскапува дизелот

Од полноќ, горивата добиваат нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 23.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,947 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,207 ден/кг и сега ќе изнесува 36,947 ден/кг.