Македонија
Утре ќе има финални предлог-законски одредби за набавка на “трикафта”
Во Владата вечерва се одржа работен состанок на посебното тело на кој присуствуваа стручните советници на премиерот, претставници на ФЗОРСМ, Клиниката за детски болести, Министерството за здравство, од фармацевтската индустрија како и од Асоцијацијата за цистична фиброза.
По средбата беше соопштено дека во инклузивен и транспарентен процес, сите членови го дале своето видување и придонес во однос на предлог измените на потребните законски решенија со кои се регулира и овозможува системско планирање и системско решение за болните од цистична фиброза.
Процесот е префинална фаза, велат од Владата, а се очекува работната група во текот на утрешниот ден да дефинира финални предлог законски одредби со кои државата ќе биде во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија и на тој начин да ги обезбеди пациентите кои боледуваат од цистична фиброза со лекот „Трикафта“.
Воедно на состанокот, заедно со Асоцијацијата за цистична фиброза била дискутирана и тригодишната Програма за пациенти со цистична фиброза со која ќе се обезбеди буџетска предвидливост и соодветно планирање на набавките, со што се обезбедува сигурност за пациентите во иднина.
„Разговараното решение е по европски стандарди определени за овој тип на лекови и третман на болеста“, велат од владината прес-служба.
Дискусијата за измените на законските решенија се одвиваат паралелно со набавката на лекот за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, за чија намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра. Се очекува лекот да биде испорачан за најмногу еден месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

