Македонија
Филипче алармира: ВМРО-ДПМНЕ ја заробува државата, распуштањето на Судскиот совет ќе значи целосна контрола врз судството
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, остро ја осуди партизацијата на државните институции која, како што истакна, добива епидемиски размери.
„Во изминатите шест месеци, партизацијата добива епидемиски размери. ВМРО-ДПМНЕ ја заробува државата и клучните институции во судството и безбедноста. АНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ со поставувањето на целосно нелегитимниот директор без никакви квалификации. Сите нови избрани судии откако е Мицкоски на власт се негов личен избор. Судии стануваат братучеди, партнери или сопружници на негови градоначалници. Во граѓанскиот совет на надзор на комуникациите се поставени луѓе кои имаат партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ во задниот џеб,“ рече Филипче.
Овој систематски обид за целосно партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која, според СДСМ, е директен удар врз демократијата.
„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон,“ истакна Филипче.
Дополнително, овој потег на Владата е во целосна спротивност со реформите кои Мицкоски ги потпиша во планот за раст пред само неколку месеци.
„Овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. Реформите со ова ќе бидат фрлени на буниште и на сила ќе стапи целосна контрола и партизација на судството. Ја алармирам целата македонска и меѓународна јавност дека ова не смее да се дозволи. СДСМ остро ќе се спротивстави на ова и ќе направи сѐ да не дојде до ова узурпирање на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ,“ заврши Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.

