Македонија
Филипче: Вакцините се безбедни и единствена превентивна мерка од морбили
Министерот за здравство, Венко Филипче, уверува дека вакцините се безбедни и се единствената превентивна мерка со која се заштитуваат децата од морбили, односно мали сипаници. Тој информира дека се преземени итни и неопходни мерки за да се спречи понатамошното ширење на епидемијата од морбили што се појавија во детска градинка во Радишани.
„Поради актуелниот случај со морбили во детска градинка во скопската населба Радишани, каде има 5 заболени деца и еден возрасен, од кои сите се во стабилна состојба, заедно со Комитетот за имунизација и Комисијата за заразни заболувања, како и Државен здравствен и санитарен инспекторат, преземени се итни и неопходни мерки за да го спречиме понатамошното ширење на болеста“, изјави министерот Филипче.
Градинката во населбата Радишани ќе биде затворена 15 дена. Од Министерството за здравство информираат дека веќе е извршена дезинфекција на целиот објект. Во неа биле запишани 223 деца, а во овој период во просек ја посетувале 104 деца.
Филипче потенцираше дека сите мерки што се преземаат во моментов се превентива од ширење на болеста и се однесуваат за целата територија на земјава.
„Препорачуваме, вакциналните пунктови во здравствените домови да спроведат вакцинација за сите деца на возраст од 1 до 14 години на територијата на целата земја, кои досега биле пропуштени или невакцинирани од која било причина. Но, само како вонредна мерка за децата од скопската населба Радишани, се препорачува вакцинација од 6-месечна возраст. Сите деца кои ќе бидат вакцинирани во овој момент, а се на возраст од 6 месеци до 15 месеци подлежат на примање на уште една доза вакцина од 18 до 24 месеци“, изјави Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
Лицата на возраст над 14 години до 45 години кои биле во непосреден контакт (фамилијарен или друг) со заболените лица, да се повикаат во Центрите за јавно здравје – Скопје за да се провери нивниот вакцинален статус и доколку не се вакцинирани, да се вацинираат.
Во моментот Министерството за здравство има во залиха доволна количина на МРП-вакцини за спроведување на горенаведените активности. Министерот за здравство упати апел до родителите кои имаат мали деца од предучилишна и училишна возраст задолжително да ги вакцинираат децата.
„Се формира работна група поврзана со изготвување на измена и дополнување на важечката законска регулатива поврзана со надзор на заразни заболувања и спроведување на вакцинација. Во работната група ќе учествуваат експерти од повеќе области од превентивна здравствена заштита, примарна, секундарна и терциерна здравствена заштита, правни експерти и од Државен здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ). Единствената превентивна мерка со која ќе го заштитат здравјето и животот на своите деца. Колективниот имунитет е еден од клучните фактори за неширење на болеста и за спречување поголеми епидемии. Секоја епидемија треба да се сфати сериозно, со целосна одговорност како на институциите, така и на населението. Министерството за здравство гарантира дека вакцините се комплетно безбедни“, потенцираше министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

