Македонија
Филипче ги моли заразените пациенти да не даваат лажни податоци за контактите
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ги молеше пациентите болни од коронавирусот да не даваат лажни податоци за контактите што ги имале, со цел побрзо да се спречи ширењето на коронавирусот.
Тој рече дека ни претстои долга битка со коронавирусот, дека мора да се научиме да живееме со него, но и дека граѓаните не смеат да лажат во однос на контактите.
„Препораките на Комисијата за заразни болести остануваат исти. Бранот сè уште трае иако две од поголемите жаришта, во Тетово и во Штип, спласнуваат. Сега сме концентрирани на спречување на ширење на заразата тука, во Скопје. Нè чека долга битка со вирусот, но мора да се научиме да живееме со него. Тоа е нашиот нов начин на живот, држење дистанца, носење маски и редовна дезинфекција на рацете. Сепак, мора да се кажуваат точни податоци, имаме неколку случаи во кои поради давање неточни податоци повеќе здравствени работници сега се во изолација. Ова не смее да се случува. Апелирам сите пациенти да ги кажуваат точните податоци и да се почитуваат институциите. Посебно здравствените работници, кои оваа битка не можат да ја добијат сами. Животот мора да продолжи, не можеме да останеме затворени и со рестрикции“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

