Македонија
Филипче: Маските и средствата за дезинфекција поскапеа зашто имаат поголема увозна цена
По најавите дека ќе ги казнат аптеките и компаниите кои ќе ја зголемат цената на средствата за дезинфекција и на маските поради зголемената побарувачка по коронавирусот, министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека добиле известување оти цените се поголеми дома поради зголемените увозни цени. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче рече дека ќе истражуваат и дали се зголемиле увозните цени.
„Тоа е во рамките на активностите на Државниот пазарен инспекторат, од кој сè уште чекаме конечен извештај. Тоа за што нè известија од досегашниот увид е дека има зголемување на цените поради тоа што економските оператори, аптеките и компаниите имале и поголема увозна цена. Тоа е нешто што треба да се провери, така што го чекаме финалниот извештај“, рече миниостерот Филипче.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, пред две дена рече дека ќе има казни за сите кај кои ќе биде утврдено дека профитот им е поважен од здравјето на граѓаните, па во услови на криза ги зголемиле цените на маските и на средствата за дезинфекција за кои има зголемена побарувачка.
„Ако некој мисли да профитира на сметка на граѓаните и на сметка на здравјето на граѓаните, се лаже“, рече премиерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Значајни одлуки за напредокот на граѓаните, демократијата и европската иднина на државата на денешната владина седница, соопшти Митева
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, изјави владината портпаролка Марија Митева.
„Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес.
Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања“.
Дополнително, истакна таа, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство се правим важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
Законот како што појасни, овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди.
„Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.
Ние продолжуваме да носиме одлуки кои значат напредок и за граѓаните, и за демократијата, и за европската иднина на државата“.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.

