Македонија
Филипче: Наследството на Св. Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитика до граѓаните по повод денешниот голем државен празник Свети Климент Охридски, кој истовремено е и патронен празник на бројни државни институции и установи во државава, меѓу кои и НУБ „Св.Климент Охридски“ – Скопје и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола.
“Денеска, оддаваме почит и го славиме делото на патронот на македонската култура и духовност, Свети Климент Охридски.Како ученик на Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската книжевна школа, Свети Климент Охридски има непроценлив придонес во поставувањето на темелите на македонската писменост и создавањето на првото словенско писмо, и тоа е врежано во нашиот македонски идентитет.
Влогот и упорноста на Свети Климиент Охридски да ја шири писменоста и во време на прогонства, се потсетник дека силата на еден народ лежи во неговата писменост, култура и образование.
Наследството на Свети Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок.
Ние ја продолживме светиклиментовата мисија, и денес македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот, рамноправен со јазиците на земјите членки на ЕУ, во НАТО и во ОН.
Нека ни е честит и вековит Денот на Свети Климент Охридски” , стои во честитката на Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче,по повод денешиот празник упати честитка и до Македонската православна црква – Охридска архиепископија, чиј патрон е Свети Климент Охридски, како прв словенски епископ на просторите на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

