Македонија
Филипче на Националниот совет за ЕУ: Забрзувањето на реформите е клучно, сите да дадат придонес за отворање на првиот кластер
Забрзувањето на реформите во клучните области е неопходно за напредокот на државата, сите треба да дадат придонес за отворање на првиот кластер, порача претседателот на СДСМ и претседавач на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, д-р Венко Филипче, на денешената седница на советот.
Во своето обраќање Филипче најави дека во следниот период ќе има почести седници на Националниот совет за евроинтеграции.
„Ќе бидеме на некој начин и контрола и поддршка на Владата во остварувањето на работите којшто се пред нас, пред сè во делот на реформската агенда. Добро е да се одржува консензусот за членство во Европската унија. Сметам дека претставници на сите денес присутни политички и економски субјекти ќе дадат свој придонес во работата, поддршка на Владата во остварување на овој процес со цел навистина да се забрза процесот и дека во овој состав на Собранието и во овој мандат ќе се отвори првиот кластер“, рече Филипче, додавајќи дека со заедничка работа на ова ниво дополнително и јавноста и граѓаните ќе се информираат за тоа како ќе се остваруваат чекорите во реформската агенда, додаде Филипче.
На седницата претседателот Филипче ги потенцираше следните приоритети:
Кластер 1: Фундаментални вредности
• Потребна е зајакната меѓупартиска соработка и отчетност на администрацијата, со цел да се подобри контролата врз нејзината работа.
• Борбата против корупцијата мора да биде приоритет, со поддршка за професионалната и независна работа на Државната комисија за спречување на корупцијата.
• Измените на Кривичниот законик од септември 2023 година мора да се ревидираат, со цел усогласување со правото на ЕУ и зајакнување на борбата против корупцијата.
Кластер 2: Внатрешен пазар
• Потребно е целосно усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, особено во делот на заемно признавање на професионалните квалификации.
• Инвестиции во човечки ресурси и финансирање на здравствениот сектор се од клучно значење.
Кластер 3: Конкурентност и инклузивен раст
• Усогласување на националното законодавство со кодексот за електронски комуникации на ЕУ.
• Поддршка за малите и средни претпријатија и зголемување на нивната извозна подготвеност.
• Обезбедување подобар пристап до образование, особено за ранливите категории.
Кластер 4: Зелена агенда и одржлива поврзаност
• Забрзување на транзицијата кон зелена енергија и намалување на зависноста од јаглен и гас.
• Подобрување на граничните железнички премини и завршување на железничкиот Коридор 8.
Кластер 5: Ресурси, земјоделство и кохезија
• Донесување на правна рамка за усогласување со ЕУ во земјоделството и обезбедување стабилно спроведување на програмата ИПАРД 3.
• Зајакнување на капацитетите за управување со фондовите на ЕУ.
Кластер 6: Надворешни односи
• Продолжување со усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
• Спроведување на протоколите од ЦЕФТА и зајакнување на законодавството за контролирање на малото и лесното оружје.
Инаку, денешната седница се одржа заради презентација на Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.
„Секој од нас има одговорност да придонесе кон овие напори. Овие предизвици бараат зајакнување на институциите и системите, за да станеме што покомпатибилни со законодавството и практиките на Европската Унија,“ заклучи претседателот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

