Македонија
Филипче пријавил поголем имот како пратеник, отколку кога бил министер, вели Митева
Венко Филипче пријавил поголем имот како пратеник, отколку кога бил министер. Анкетниот лист на Венко Филипче покажува дека неговиот имот се зголемил за 150.000 евра во период од 2 ипол години. Што правел Филипче за имотот да му се зголеми за цели 150 илјади евра?, изјави Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пресметките од последниот анкетен лист на Венко Филипче, доставен на 28 јуни 2024 до Комисијата за спречување корупција како пратеник, покажуваат дека тој поседува имот вреден 850 илјади евра. Кога ќе ги погледнеме деталите ќе забележиме дека Венко Филипче всушност крие и манипулира со голем имот. Венко Филипче како министер за здравство во својот Анкетен лист пријавил куќа од 464 м2 изградена во 2017 година и проценета на 27,8 милиони денари, како и стан од 130 м2. проценет на 7,8 милони денари стекнат како подарок во 2016 година. Додека пак на име заеднички имот пријавил уште еден стан во Скопје од 50 м2 стекнат со договор за купопродажба во 2010 година.
Пратеникот Венко Филипче во 2024 година пријавил дека го поседува следниот имот: Стан во Скопје вреден 12 милиони денари стекнат со наследство во 2016 година, кој не го пријавил кога бил министер, а според тоа што навел го стекнал пред да стапи на функцијата; Втор стан во Скопје стекнат со наследство во 2016 година вреден 3 милиони денари, кој исто така не го пријавил додека бил министер. Два стана во Скопје од по 12 милиони денари, стекнати со договор за градба во 2017 година, кои исто така ги немал пријавено во Анкетниот лист додека бил министер, и стан во Центар вреден 3 милиони денари стекнат во 2008 година со договор за купопродажба, кој исто така не го навел додека бил министер“, додава Митева.
Според неа, можеме да разбереме дека Венко Филипче го продал имотот кој го имал кога бил министер, и тоа не е спорно доколку го нема во новиот Анкетен лист.
„Но никако не можеме да разбереме како во Анкетниот лист на пратеникот Венко Филипче се нашле 5 стана во Скопје, за кои напишал дека ги поседува пред да стапи на функцијата министер, а не ги пријавил додека истата ја извршувал. Криел ли Венко Филипче имот? И дали се уште крие? Ја повикуваме ДКСК во најбрз можен рок да ги мечира базите на податоци од Анкетните листови на Венко Филипче како министер и Венко Филипче како пратеник и сето она што е наведено како негов имот сега, а го поседувал пред да стане министер и не го пријавил да докаже како го стекнал. Го повикуваме и ЈО сериозно да се занимава со Анкетниот лист на Венко Филипче и како наеднаш во него се појавува стар имот, кој претходно никогаш не го пријавил?“, завршува Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

