Македонија
Филипче: СДСМ се консолидира како силна опозиција, ќе се спротивставиме на сите погрешни политики
СДСМ забрзано се консолидира после последните избори, имаме предизвици, но немаме дилеми за правецот во кој што се движи партијата, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција. Во своето обраќање, Филипче посочи дека СДСМ ќе биде конструктивна опозиција и ќе ги поддржи политиките кои се во интерес на граѓаните.
„СДСМ е единствената кредибилна и силна опозиција на актуелната власт. СДСМ имаше грешки во минатото. Ние сме свесни за нив, отворено зборуваме за нив и се трудиме да учиме од нив. Но, СДСМ никогаш не направи грешка во однос на стратешките интереси на оваа држава како што е тоа случај со актуелната власт. СДСМ е подготвенa директно да се соочи со изневерените очекувања, изговорите и разочарувањата од власта после првите 100 дена од нивното владеење. СДСМ директно и без калкулации и со сите демократски методи кои ни се на располагање ќе се спротивстави на сите погрешни политики“, рече Филипче.
Тој нагласи дека за СДСМ политиките за евроинтеграација, повисоки плати, пензии, социјална заштита и добрите меѓуетнички одоси остануваат столб на дејствување на партијата.
„Нема да дозволиме Мицкоски да ја претвори Македонија од држава во првата лига на држави кои напредуваат кон ЕУ во тажна и изолирана периферија на Европа. Нема да дозволиме системот на постојан раст на минималната плата, на просечната плата и на пензиите да се претвори во политика на продуцирање на нова сиромаштија, нов бран на иселување и на евтина работна сила. Нема да дозволиме она што го направивме како систем за раст на платите и пензиите да се претвори во политичка алатка на Мицкоски за уценување на работниците и пензионерите“, рече Филипче, и додаде дека СДСМ се залага за Македонија како држава на слободни граѓани, со пријатели во регионот, во Европа и во светот, држава во која ќе се врати довербата во подобра иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

