Македонија
Филипче: Целосно е реновиран одделот за интензивна нега на Клиниката за ендокринологија
Изминатиот период на Универзитетската клиника за ендокринологија се преземени низа активности за осовременување на постојните капацитети, кои овозможуваат нови стандарди во лекувањето на ендокринолошките болести. Комплетно се реновирани и опремени интензивната нега, дел од болничкото одделение, собата за изолација, набавени се нови болнички кревети, апарати за мониторинг на виталните функции и континуирано следење на гликемијата за најтешките пациенти со животозагрозувачка состојба.
„За офталмолошкиот кабинет е набавена фундус-камера, биомикроскоп за преглед на предниот очен сегмент, иридокорнеалниот агол и ретина со посебни призми, и апарат за бесконтактно мерење на очен притисок, со што Клиниката за ендокринологија е вклучена во интернационален проект од светски рамки за ран скрининг на компликации од дијабетична ретинопатија. Воедно, Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и други ендокинолошки заболувања. Паралелно со тоа ги унапредуваме условите за третман на пациентите во јавното здравство, и во оваа насока веќе се унапредени условите на повеќе од 15 клиники“, изјави министерот Филипче.
Во однос на доопремувањето со нова медицинска опрема, набавен е и нов најсовремен ехотомографски апарат за преглед на тироидна жлезда и обновен e офталмолошкиот кабинет, кој е збогатен со нови софистицирани апарати за навремена дијагностика и лекување на офталмолошките компликации на дијабетесот.
„Со сите преземени активности и соработката со Министерството за здравство, значително ќе се унапреди дијагностиката и лекувањето на најтешките ендокринолошки болни, ќе се намали времето на чекање и ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги кои ги пружа Клиниката за ендокринологија“, информираше директорката на Универзитетската клиника за ендокринологија, доц. д-р Саша Јовановска Мишевска.
И во иднина, Министерството за здравство ќе продолжи со активностите за подигнување на јавната свест за потребите на пациентите со дијабетес и други ендокринолошки заболувања, преку натамошно осовременување на медицинската опрема и третманот и со обезбедување најсовремена терапија за овие пациенти, што го реализираме во соработка со Клиниката за ендокринологија, со цел значително унапредување на условите за дијагностицирање и третман на овие пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

