Македонија
Филков: На сторителите што трет пат ќе се најдат на суд за прекумерна брзина или возење под дејство на алкохол ќе им биде одземена возачката дозвола
Министерството за правда смета дека постои сериозна потреба за понатамошно разгледување и анализа на постојната законска регулатива. Фокусирани сме на утврдување на можни измени и дополнувања во законите, кои ќе придонесат за значително зајакнување на безбедноста на патиштата.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање на јавната расправа ,,Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста на сообраќајот“, посочи дека е потребно да се подобрат казнените одредби во однос на прекршителите, поткрепени со детална анализа на практиката на изрекување и спроведување на казните.
,, При изготвувањето на измени на законската регулатива, особено во делот на санкциите, потребно е да се постави прашањето: „Дали казните за прекршувачите на сообраќајните правила се соодветни и доволно ригорозни за да имаат одвраќачки ефект?“. Ова ќе ни помогне да идентификуваме кои области е потребно да се засилат со нови законски мерки, како што се алкохолот, брзината, користењето мобилни телефони и други ризични фактори”,рече министерот Филков.
Дополнително, според министерот одредени сообраќајни прекршоци треба да бидат регулирани како кривични дела. Во таа насока, потребно е да се иницираат законски измени кои ќе ја прошират листата на кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Ова не се однесува само на тешките кривични дела кои вклучуваат опасност за животот и имотот на луѓето, туку и на прекршоците како што е неукажувањето помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
,,Зачестеноста на сообраќајните деликти со висок степен на општествена опасност, заедно со ниското ниво на сообраќајна култура во нашето општество, создаваат силна потреба за заострување на казнената политика. Ова ќе обезбеди ефективни санкции за прекршителите, кои ќе имаат одвраќачки ефект и ќе помогнат во намалувањето на сообраќајните несреќи и нивните тешки последици”, порача Филков.
Министерот информираше дека заедно со Министерството за внатрешни работи, судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд Скопје и универзитетски професори, работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Новите измени и дополнувања во Законот за прекршоци ќе вклучуваат посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, која ќе се однесува на прекршоците кои се детектирани преку електронски системи, како што е системот „безбеден град“ (safe city).
Овој систем ќе овозможи брзо и точно утврдување на прекршоците, со што ќе се намали бројот на несреќи и ќе се обезбеди побрза реакција на властите. Со оваа новина се предвидува кратки рокови за постапување пред судот, што ќе го забрза процесот на правдата.
За сторители кои по трет пат ќе се најдат на суд, а во случај на сериозни прекршувања, како што се возење под дејство на алкохол или прекумерна брзина, судот ќе изрече санкција која подразбира престанок на важење на возачката дозвола. Ова ќе значи дека возачот нема да може да стекне нова возачка дозвола додека не помине една година од правосилноста на пресудата.
Сите измени имаат за цел и се стремат да го намалат бројот на сообраќајните незгоди, особено оние кои резултираат со смртни последици, и да ги заштити животите на сите учесници во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

