Македонија
Филков ја разреши судијката Алексовска-Стојановска од работната група за измени на Кривичниот законик: Да се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина
Министерот за правда Игор Филков ја разреши судијката Даниела Алаксовска-Стојановска од членство во работната група за измени на Кривичниот законик, а од која на протестите за смртно прегазената Фросина Кулакова семејството и јавноста побараа одговорност оти го спасила Јованов од затворска казна за претходни дела.
„Денес, се обраќам пред македонската јавност, не само како министер за правда туку како граѓанин и родител, и ги повикувам судовите во сите инстанции, како и Судскиот совет, да преземат дејства со кои ќе се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина. Ве информирам дека денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда судијката чие име ја бранува јавноста. Судијката беше дел од работната група која беше формирана во декември 2020 година за измена на Кривичниот законик и беше дел од оптимизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик, со кои очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот кој е почнат за потребните суштински реформи во правосудството. Загриженоста ја упатувам затоа што сметам дека е крајно време надлежните институции да покажат дека се подготвени да преземат мерки со цел лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност. Одговорност мора да се утврди и тука нема компромиси. Граѓаните очекуваат правда, а институциите се тука да испорачаат брзо, правично и транспарентно“, рече министерот Филков.
Овој случај, според него, е само потврда на податоците за оценка на работата на судовите, кои беа презентирани пред некој ден.
„Токму брзината на постапувањето и корумпираноста беа детектирани како најголем проблем на судството со најниска оценка. Непостапувањето и спороста отвора можност утре да имаме исти или слични случаи“, вели министерот Филков.
Тој апелира до сите политички фактори во државата да не се обидуваат овој несреќен случај да го злоупотребуваат за дневно политички цели и нагласи дека правосудниот систем мора да се менува од корен, однадвор, но и однатре, и најави дека нема да дозволи неказнивост и недопирливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

