Македонија
Финансиска поддршка за подобрување на состојбата на Ромите
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и министерот без ресор, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата со Ромите во Република Македонија, Аксел Ахмедовски, со градоначалниците на 12 општини што имаат подготвено локални акциски планови за имплементацијата на стратегијата, денеска потпишаа договори за финансиска поддршка на конкретни активности, со средства од централниот буџет за 2018 година.
„Социјалната инклузија е еден од најважните услови за градење мирно, стабилно и демократско општество, општество во коешто ќе се обезбеди соодветна претставеност и остварување на правата на сите заедници и целни групи. Очекувам дека општините со поддршка од Владата, но и самостојно, со помош на донаторската заедница ќе ги реализираат акциските планови и реално ќе влијаат на подобрување на состојбата на Ромите во локалната заедница, а примерот на дванаесетте ќе го следат и другите општини“, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.
„Средствата не се големи, но треба да бидат поттик за општините. Република Македонија е лидер во креирањето јавни политики за Ромите, но потребно е уште многу работа секој Ром да може да живее достоинствен живот. Со поддршка на Владата, на надлежните министерства, општините и другите институции верувам дека ќе се подобрува состојбата на Ромите во Република Македонија“, рече министерот Аксел Ахмедовски.
„Приоритет за општина Шуто Оризари беше да се подготви локален акциски план за подобрување на состојбата на Ромите. Сега имаме Влада која ни е партнер и сериозен поддржувач на нашите активности. Се надевам дека соработката ќе продолжи“, рече градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Согласно со одлука на Владата, со 3 милиони денари општините Шуто Оризари, Пехчево, Берово, Делчево, Виница, Кочани, Штип, Куманово, Чаир, Тетово, Битола и Прилеп, финансиски се поттикнати да пристапат кон имплементација на локалните акциски планови за подобрување на состојбата на Ромите во локалните заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче зборува за сиромаштија, а оди на зимување во Дубаи
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција остро го критикуваше Венко Филипче, обвинувајќи го за лицемерие и двојни стандарди.
Манасиевски изјави дека, додека Филипче во јавноста зборува за тежок живот, ниски плати и економски проблеми во државата, паралелно заминал на зимување во Дубаи – една од најскапите дестинации во светот. Претходно, како што рече, Филипче летувал и на милионската јахта на Зоран Заев во Грција.
Тој наведе дека Филипче во различни периоди покажувал наводна загриженост за пензионерите, младите, пациентите и земјоделците, но дека за време на владеењето на СДСМ не биле реализирани ветените политики во овие области. Манасиевски посочи и дека во периодот кога Филипче бил министер за здравство, имало спорни тендери.
Во обраќањето, Манасиевски изјави дека, според сведоштва за кои немало демант, Филипче поседувал недвижност во Дубаи, додавајќи дека Антикорупциската комисија при СДСМ – АКТ, треба да го истражи потеклото на средствата.
Тој исто така го спомена и експремиерот Зоран Заев, за кого изјави дека од земјоделец станал милионер и дека градел висококатница во Дубаи, наведувајќи дека и овој случај треба да биде предмет на истрага.
Манасиевски оцени дека во СДСМ нема реална намера за реформи или кадровско освежување и дека партијата продолжува со истата политика од времето на Заев. Тој додаде дека СДСМ е незадоволна единствено поради тоа што не е на власт и дека нивното седумгодишно владеење покажало дека не се грижеле за проблемите на граѓаните.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.

