Македонија
Фондот за здравство од денес работи, но штрајкот не е прекинат, туку е во мирување оти платите се гарантирани само до крајот на мај
Вработените во Фондот за здравствено осигурување од денес се враќаат на работа по синоќешната препорака на Владата платата да не им се намали, но штрајкот не го прекинуваат, туку го ставаат во мирување. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, објасни дека штрајкот е во мирување бидејќи одлуката да се задржат декемвриските плати не важи до крајот на годината како што бараа, туку до крајот на мај.
„Штрајкот е во мирување, не е во прекин. Да беше одлуката на Управниот одбор до 31.12.2024, штрајкот ќе го прекиневме. Тоа мора да биде на овој начин направено бидејќи ќе чекаат да се завршат изборите, па да има ребаланс на буџетот. Со ребаланс на буџетот и во државата и во Фондот за здравство ќе се донесе нова вредност на бодот, која ние ќе инсистираме да биде исто како што е сега, 77,16 денари вредност за еден бод. Штрајкот е во мирување, може да се активира во кое било време доколку се донесе одлука за помала вредност на бодот. Не би сакал да верувам дека ќе дојде до тоа. Очекуваме да не дојде, но нашиот народ, како велиме, дува и на матеница, така што ќе бидеме спремни да продолжи штрајкот ако дојде до несакана одлука“, рече претседателот на Синдикатот, Деаноски, и нагласи дека жали што вработените морале да штрајкуваат за да ги задржат платите на нивото од декември.
Сите заостанати работи во Фондот за здравствено осигурување поради тридневниот штрајк, веќе се работат и ќе бидат завршени во најкус можен рок, увери Синдикатот. Претседателот на Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување, Бранко Аџигогов, кој во понеделникот јавно ја критикува Владата за препораката од почетокот на годината да им се намалат платите, денес јавно го пофали техничкиот премиер.
„Јавно го пофалувам техничкиот премиер, оваа одлука беше најразумната што можеше да се донесе“, рече претседателот на Синдикатот на Фондот, Аџигогов.
Тој извести дека сите сектори се веќе на работа, се работи и на платите во јавното здравство, чија исплата беше доведена во прашање поради штрајкот на вработените во Фондот.
Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Магдалена Филиповска-Грашкоска, која денес првпат излезе во јавност откако минатата недела беше најавен штрајкот, рече дека по одлуката да не се намалуваат платите, очекува вработените во Фондот да вложат максимални напори за подобрување на услугите кон осигурениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Фантастична предновогодишна вечер на Боемска, центарци со позитивна енергија влегуваат во 2026
Со предновогодишната забава „Вечер под ѕвездите“, општина Центар симболично ја заокружи 2025 година и посака добредојде на Новата година.
Боемска улица синоќа беше преполна со расположени и весели скопјани кои се препуштија на празничната атмосфера, подготвена специјално за нив.

Уште на самиот почеток, вештите акробати и жонглери во ритамот на диско музиката на ди-џеј Александар Јорданов ги воодушевија посетителите со своите трикови и мајсторски точки, известуваат од Општината

Вечерта кулминираше со настапите на „Brass Brothers“ и „Либеро бенд“, чија енергична изведба на популарните хитови ја разигра публиката, која, и покрај студеното време, остана насмеана и во добро расположение.
На присутните им се обрати и градоначалникот Горан Герасимовски, посакувајќи им здравје, среќа и весели моменти во следната година.

„Ова беше навистина фантастична забава! Ви посакувам и во 2026 година да ве следи оваа иста позитивна енергија која вечерва заедно ја споделивме“, порача Герасимовски.

Вечерта заврши со спектакуларен огномет, кој ја најави магијата на претстојните празници.
Македонија
Декемвриската пензија ќе се исплати навремено, на 2 јануари 2026 година, известува Фондот на ПИОМ
Фондот на ПИОМ ги известува сите корисници на пензија дека целосно се обезбедени потребните средства за исплата на пензиите за месец декември 2025 година.
„Како институција одговорна за исплата на пензиите и обезбедувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување и социјанта сигурност на пензионерите, Фондот навремено ги заврши сите подготовки за непречена реализација на исплатата на пензиите.
За оваа намена се обезбедени средства во вкупен износ од 9.289.521.686,00 денари (девет милијарди 289 милиони 521 илјади 686 денари) за вкупно 340.156 корисници на пензија. Поради тоа што 1-ви јануари е неработен ден (државен празник), средствата ќе бидат префрлени до деловните банки на 2 јануари 2026 година“, соопшти Фондот на ПИОМ.
„Известувањата со прецизните податоци за бројот на пензионери и соодветните износи Фондот на ПИОМ веќе ги достави до сите деловни банки, со што се гарантира дека процесот на исплатата ќе се одвива ефикасно и без доцнење“, се додава во соопштението.
Македонија
Какво ќе биде времето за дочекот на Новата година и 1 јануари
Времето утре ќе биде сончево и студено, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Во Скопје се очекува претежно сончево и студено време, со умерен северен ветер.

Прогноза за 1 јануари
Минималните температури ќе се движат од -12 до -2 степени, додека максималните ќе бидат од -1 до 7 степени Целзиусови. Времето ќе биде претежно сончево и студено, со слаб до умерен ветер од северозападен правец.

