Контакт

Истражувања

Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата

Објавено пред

Фондот за иновации и технолошки развој на крајот на јули годинава одобрил грант на Александар Гаврилоски, сопственик на „Билд ДООЕЛ Скопје“, а пред две недели ја вработил сопругата на Гаврилоски, Неда Икономова- Гаврилоска. Таа и пред вработувањето работела во Фондот, но како надворешен соработник. Директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски не гледа ништо спорно во апликацијата за грант на компанијата „Билд“.

dobivaj vesti na viber

„Во моментот кога компанијата аплицирала за грантот, Неда Икономова-Гавриловска не беше вработена во Фондот за иновации и технолошки развој. Неа, како и многумина други ги ангажираме повремено за одделни проекти. Комисијата каде учествувала Икономова е формирана за ‘Предизвик за млади истражувачи’ (основни и средни училишта), со други надворешни членови. Нема никаква врска со Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот (лица именувани од Влада), што работи на евалуација на проектите од компаниите под сосема други повици и процедури“, вели директорот Деспотовски.

На „Билд ДООЕЛ“ Фондот му одобрил грант од 12.648.160 денари или околу 205 илјади евра за проектот „Примена и реализација на иновативен концепт за изградба на заштитни конструкции за земјоделски насади во секторот земјоделство“. Директорот Деспотовски вели дека иако е одобрен грантот, договорот со оваа компанија не е потпишан. Не поради непотизам или конфликт на интереси туку поради недовршена правна процедура.

„‘Билд’ си алицирал во планот за економски раст. Одлучувањето е надворешно целосно, тоа го прави Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции. Комитетот одлучил да се додели грантот, но бидејќи не е комплетирана правната процедура, со нив не е потпишан договорот и не се исплатени парите“, изјави за „Макфакс“ директорот Деспотовски.

Ова е само последниот од низата скандали кои го следеа грантирањето во Фондот за иновации по објавувањето на грантистите на крајот на јули годинава. По силниот притисок во јавноста, први од одобрените грантови се откажаа компаниите поврзани со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и пратеникот Хари Локвенец. Поради нив, Фондот побара од сите добитници на грантови да се изјаснат дали се поврзани со носители на јавни функции. Од вкупно 77 компании, поврзаност со функционери пријавија четири. Тоа се компаниите поврзани со советничката за култура на премиерот, Цветанка Ласкова, со актуелниот министер за култура, Асаф Адеми, со поранешниот амбасадор Јован Донев и со поранешниот министер без ресор Веле Самак.

На компанијата „Декодикс“ на снаата на Ласкова ѝ беше одобрен грант од 19.954.200 денари. Снаата, Христина Керкез, се иззема од сопственичката структура, но и покрај тоа компанијата не ги исполни условите да добие пари од државата бидејќи е оценета како компанија со среден, кон висок ризик од влијанието на Ласкова. Нешто помалку, односно 19.925.977 денари беа одобрени на „Микросам“ на поранешниот министер без ресор Веле Самак. И оваа компанија е оценета како средно ризична од влијанието на јавниот функционер, но нејзината оценка се ближи кон низок ризик. Оценка среден ризик од надворешниот оценувач „Транспаренси интернешнал – Македонија“ добија и „Контура“ на Елена Донева поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев со одобрени 3.638.655 денари и „Т – сенс“ поврзана со актуелниот министер за култура Асаф Адеми, на која ѝ се одобрени 4.113.041 денари.

Фондот со овие четири компании не ги потпиша договорите оти се очекува одлука од Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции по нивните изјави дека се поврзани со носители на јавни функции.

Од Фондот најавија дека Комитетот ќе ги донесе конечните одлуки за четирите компании на следната седница, закажана за 24 јануари.

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија51 минута

Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери

Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК),...

Македонија3 часа

Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот

Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и...

Македонија4 часа

ИЈЗ: Нема потреба од продолжување на зимскиот распуст, грипот на ниво на средна активност

Во втората недела од 2026 година, состојбата со грипот во земјава се наоѓа на ниво на средна активност, со зголемен...

Македонија4 часа

Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи....

Топ5 часа

Двомесечно бебе почина во болницата во Кавадарци, телото е предадено на обдукција

Синоќа во ОВР Кавадарци е пријавено дека околу 21:35 часот на детското одделение во Општа болница Кавадарци починало бебе на...

Македонија5 часа

„За почиста Македонија“ со петиција до Владата: казни и за фрлање отпад од автомобилите преку „Сејф сити“

Организацијата „За почиста Македонија“ собра 1.000 потписи за петицијата со која се бара системот за сообраќајни прекршоци „Сејф сити“ да...

Македонија7 часа

Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица

Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија...

Свет9 часа

Израел и Иран постигнаа таен договор преку Русија

Во услови на високи тензии, Израел и Иран тајно разменија пораки, со посредство на Русија, уверувајќи се едни со други...

Свет9 часа

Иранско судство: Демонстрантот Ерфан Солтани не е осуден на смрт

Иранското судство ги негираше извештаите дека демонстрантот Ерфан Солтани е осуден на смрт, објавија иранските државни медиуми. Солтани претходно беше...

Свет9 часа

Егзекуцијата на иранскиот демонстрант Ерфан Солтани е одложена, велат семејството и групата за човекови права

Егзекуцијата на иранскиот демонстрант Ерфан Солтани не е извршена вчера, потврдија член на семејството и Хенгав, група за човекови права...

Свет10 часа

Неколку земји издадоа предупредувања до своите граѓани веднаш да го напуштат Иран

Неколку земји издадоа предупредувања до своите граѓани да избегнуваат патувања во Иран или веднаш да ја напуштат земјата поради задушувањето...

Свет10 часа

Трамп: Зеленски е главната пречка за постигнување договор

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека лидерот на иранската опозиција Реза Пахлави „изгледа многу пристојно“, но изрази неизвесност...

Македонија21 час

Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена

Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за...

Свет21 час

И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата...

Македонија22 часа

Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога...

Македонија1 ден

(Видео) Мицкоски: Техничката влада треба да замине во минатото, но ако СДСМ мислат дека е потребна за следните избори, во ред, прифаќаме

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата по завршување на лидерската средба извести дека сите присутни се согласиле дека техничката...

Економија1 ден

Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП

Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“. „Јасно и недвосмислено истакнуваме...

Топ1 ден

Загина маж во пожар во стан во Тетово: со изгореници се здобило уште едно лице

Вчера во 19:20 часот во СВР Тетово е пријавено дека на улицата „180“ во Тетово настанал пожар во стан, сопственост...

Македонија1 ден

Oбјавена листата на најмоќните пасоши за 2026 година: Македонија бележи напредок

Азиските земји продолжуваат да доминираат на рангирањето на најмоќните пасоши во светот, според најновиот извештај на „Henley Passport Index“. Сингапур...

Македонија1 ден

(Видео) Димитријевиќ: Кој оди на средба со Мицкоски легитимира криминал и изолација на земјата

Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во легитимирање на криминалот и...