Македонија
Хазби Лика со најмногу вработени роднини во државните служби
Функционерите ги пријавуваат во антикорупциската комисија роднините кои се вработени во државните служби, како и своите блиски кои имаат свои фирми и невладини организации, но само кога ќе стапат на функцијата. Не постои податок за тоа дали во текот на нивниот мандат членови на семејството и роднини се вработиле во јавните служби или отвориле фирми.
Оттаму, во земјава не постојат информации за тоа со колку блиски роднини вработени во државниот и јавниот сектор еден функционер доаѓа на функцијата, а со колку си заминува, што го прави процесот на утврдување на конфликт на интереси уште потежок.
„Макфакс“ во Антикорупциската комисија изврши увид во изјавите за интереси што ги пополнувале актуелните министри кога дошле на функцијата во 2017 година. Овие податоци, иако би требало да се јавни како што се анкетните листови за имотната состојба на функционерите, не се објавени на веб-страницата на ДКСК.

Според податоците, може да се заклучи дека најмногу роднини вработени во државни институции од министрите во Владата до Антикорупциската комисија има пријавено Хазби Лика, заменик-претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.
Тој по доаѓањето на функцијата пријавил дека негов братучед е член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапки од работен однос во втор степен, друг негов братучед е директор на Македонски железници – инфраструктура од 2011 година, а негова роднина е професор во средното медицинско училиште во Тетово од 2013 година. Братот на Хазби Лика, пак, е основач на приватна компанија.
Во изјавата за интереси, секој избран и именуван функционер треба да одговори дали е вршител на друга јавна функција, дали е сопственик или член на надзорен и управен одбор во приватни фирми, а одговара и дали негов близок роднина е вработени во државна институција, дали членува во граѓанска организација или, пак, е сопственик на фирма.
Овие изјави на интереси треба да служат како почетна точка во утврдувањето дали има судир меѓу јавната должност и приватниот интерес.
Според изјавите што ги поднеле, министрите Оливер Спасовски, Венко Филипче, Крешник Бектеши, Зоран Шапуриќ, Бујар Османи, Горан Сугарески, Зорица Апостолска, Садула Дураки, Љупчо Николовски и Никола Димитров кога дошле на функцијата изјавиле дека не вршат друга јавна служба, немаат допир со приватни фирми и дека нивни блиски не се вработени во јавните служби ниту, пак, се сопственици, основачи, содружници, членови на собрание, надзорен одбор, управен одбор или се овластени лица во компании.
Премиерот Зоран Заев пријавил само дека неговиот брат Вице Заев е сопственик на фирмата „Тотал инженеринг“ во Струмица.
Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, пријавил дека е сопственик и управител на „Инфинити плус продукција“, а по укажувањето од страна на антикорупциската комисија дека има конфликт на интереси, тој се повлекол од директорското место.
Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, ја пријавил својата фирма „Фероинвест“ каде што има 80 отсто од уделите, додека за ЕДС ДОО стои дека е во фаза на продажба. Анѓушев пријавил и дека е основач на Фондацијата „Анѓушев“ и претседател на ФК „Борец 1919“, но дека од овие места не прима надоместок.
Сопругата на Анѓушев е содружник во фирмата „Офисрент“, додека неговиот брат е содружник во „Фероинвест“, управител во МХЕ и содружник во „Енерџи менаненс солушн“.
Повеќе роднини во државните и јавните служби има пријавено и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, чиј прв братучед работи во Општина Штип, првата братучетка работи како наставник исто како неговиот чичко, кој работи во основно училиште во Штип.

Прашање е и колку овие изјави на интереси подлежеле на проверка, со оглед на тоа што антикорупциската комисија во последниве, а особено во последната година беше речиси невидлива институција која треба да се бори против непотизмот, криминалот и судирот на интереси. Како потврда на ова служи и фактот што, на пример, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, не пријавила дека нејзиниот неформален сопруг има фирма „Флај кем“, а за истата оваа фирма годинава се пишуваше дека добила три јавни набавки од 1.5 милиони денари.
Инаку, под „блиски лица“ се подразбираат лицата во брачна или вонбрачна заедница со службеното лице, син и ќерка, внуци, татко и мајка, баба и дедо, братучеди и секое правно или физичко лице со кое функционерот има приватен интерес.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, вели дека е факт дека во изјавите на интереси има недостатоци на кои допрво треба да се работи.
„Во иднина ќе има еден образец кој ќе го пополнуваат функционерите, и за имотната состојба и изјава за интереси. Софтверското решение е во фаза на подготовка. Факт е дека сега излегуваат на површина некои недостатоци на кои ќе треба да се работи во иднина“, вели таа за „Макфакс“.
Најголемиот недостаток, барем според она што тимот на „Макфакс“ успеа да го види од изјавите за интереси, е неможноста да се знае чии роднини се вработувале во државните служби за време на мандатот на функционерите, бидејќи законот не предвидува да се пријавуваат какви било промени.
Случајот не е ист со поднесувањето анкетни листови за имотната состојба, каде што функционерите се должни во рок од 30 дена да пријават со каков имот располагаат, но треба да ја пријават и секоја промена во имотната состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

