Македонија
Хаос на скопскиот аеродром – одложени, па откажани летови до Македонија
Стотици заглавени патници, неизвесност, потрага по алтернативи. Вака им изгледаат патувањата изминативе денови на низа граѓани, кои требаше да се вратат во Македонија, но и на туристи што планираат да ја посетат Македонија. Вчера, откажани се 13 лета на авиони што требаше да слетаат на скопскиот аеродром. Причината е густата магла. Има и такви, кои наместо во Македонија, слетаа во Косово. И денешниот ден почна така, со откажување на летот од Шведска за Македонија. На аеродромот останаа иселеници, посетители, но и патници што само транзитираат преку Македонија. Меѓу нив има и родители со бебиња и деца.

Како и за другите летови, така и за летот од Шведска за Македонија постоеше обид да се остави време за да се подобрат временските услови пред да се полета. По три одложувања, стигна и известувањето дека летот целосно се откажува. Некои од патниците целосно го откажаа патувањето, а оние што мораа да стигнат веќе утре во Македонија – бараа алтернативи. Првиот следен лет што им беше понуден за Македонија е в петок. За да не чекаат четири дена, повеќето се одлучија да го променат летот и да патуваат во Белград или Софија – дестинации за кои веќе вечерва има лет во попладневните часови. Бидејќи летовите се доцна попладнево, патниците половина ден ќе треба да го поминат на аеродром. Слетувањата во соседните земји се во доцните ноќни часови, а од таму сами ќе треба да најдат начин како ќе стигнат во Македонија.

Авионите што утрово треба да полетаат од Македонија, според веб-страницата на ТАВ, тоа го прават со задоцнување. Вчера имаше десет откажани лета. Утрово само едно полетување. И за денеска има десетина нови лета што се во неизвесност поради временските услови. До 10 часот утрово има три потврдени лета за кои извесно е дека ќе полетаат за Македонија, но не се знае дали ќе имаат можност да слетаат или ќе се упатат на аеродромите во близина.
Проблемите со летовите почнаа пред три дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

