Македонија
Хајредини: Од каде сега одеднаш од ВМРО станаа “албанофоби”, кога скоро 10 години со ДУИ беа во заедничка власт
Поранешниот министер за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини коментира како одеднаш од партијата ВМРО-ДПМНЕ станале “албанофоби”, кога, како што вели тој, се знае дека не многу одамна скоро 10 години со ДУИ биле во заедничка власт.
„Од каде сега одеднаш од ВМРО станаа “албанофоби”, кога се знае дека не многу одамна скоро 10 години со ДУИ беа во заедничка власт. Од Груевски побараа и тој, за да биде раат цел мандат, со сила ги натера своите пратеници да гласаат за амнестија на хашките случаи. Невиден притисок од страна на највисоки претставници на САД, ЕУ и НАТО беше потребен до последните 20 минути ДУИ да се оттргне од ВМРО. Со поддршка на ДУИ, Груевски близу една милиарда евра потроши за проектот СКОПЈЕ-2014“, пишува Хајредини на Фејсбук,
Според него во 2014 ДУИ, иако имала 2/3 мнозинство, во договор со ВМРО, побарала предвремени избори само за да се овозможи поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов повторно да биде избран за претседател на државата.
„Никогаш Али Амети не се дистанцираше од антизападната политика на Груевски, напротив, го фалеше дека е прозападно ориентиран; Објавени се тајни разговори со Груевски од кои се слуша како Али Амети на македонски јазик бара од него да не се уриваат дивоградбите на узурпирано државно земјиште на функционери на ДУИ; Според тоа, ВМРО најмалку има причина да биде “албанофоб” поради ДУИ“, пишува Хајредини.
Претходно Хајредини посочи и дека се детски игри на кои ни децата не им веруваат за оставките со кои министрите од ДУИ условуваат гласање за уставните измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска: Знаат да склучат договор за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор
„ВД Премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиони евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор.
Еве да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.