Македонија
Хелсиншкиот комитет промовира интернет-платформа за пријавување корупција
Во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9 Декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја промовира интернет-платформата prijavikorupcija.mk на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Студентите и професорите имаа можност директно да се информираат и да ја тестираат платформата на штандови поставени во факултетите во кампусот на УКИМ.
Претседателот на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет, проф. Гордан Калајџиев, посочи дека Комитетот котира многу добро во анкетите на јавното мислење за невладиниот сектор и дека целта е оваа доверба од граѓаните да се искористи и за нивен бенефит и за државните интереси.
„Врз основа на позитивните искуства на Хелсиншкиот комитет од пријавување на дела од омраза преку интернет и оваа платформа е осмислена како мост или алатка каде што граѓаните ќе може безбедно и со доверба да пријават корупција, било да се жртви, сведоци или, од друга страна, да имаат информација“, изјави Калајџиев и нагласи дека Хелсиншкиот комитет ќе обезбеди анонимно и безбедно пријавување, како и бесплатна правна помош во случаите каде што тоа е потребно.
Платформата prijavikorupcija.mk претставува безбеден простор за пријавување на сите случаи што содржат елементи на коруптивно кривично дело. Освен ова, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, ги информира граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и за обврските за пријавување до надлежните институции.
Интернет-платформата prijavikorupcija.mk е изработена со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

